НА ЃОРЧЕ МУ ТРЕБА КОРЗОТО
Како жител на Ѓорче Петорв сум засегнат од прашањето дали на Ѓорче му треба корзо?
Од позиција на политичка неутралност, а погоден од носталгичниот сентимент за таа чудна „сцена“ на која се одвиваа разни „претстави“ и појавни фасцинации, невидливи треперења и возбуда, тврдам: ДА на Ѓорече му треба корзото!
Се разбира, не во онаа проста форма, како што од оваа временска дистанца ни изгелада тој феномен, вртење кругови до бесвест, туку со надеж дека тоа би бил осмислен проект со стилска надградба и во урбанистичка и во содржинска смилсла.
Првата причина за внесување на некаква нова содржина во нашиот живот е таа што сега во Ѓорече немате каде да излезете. Најблиску, со скромна понуда, е Порта Влае, подалеку е Ситимол, па Лептокарија, па Дебар Маало и најдалку, на 7 км, е Центарот (Неа Стиропори). До сите овие подалечни дестинации морате на патувате и да се мачите со барање место за паркирање, а ако одите со автобус треба цела вечер да мислите кога е последниот за назад.
Ѓорече сега е без никаква содржина, исто е како македонската провинција, иако е дел од главниот град, забава сведена на две три третокласни локалчиња, со недефиниран амбиент, во кој влегуваме од што немаме избор. Одговорот на прашањето, каде?: „…у Скопје“, е рефлексо, што навира од нашата инфериорност, од паланечката периферија без содржини, што ја носиме со децении како колективен комплекс .
Прашањето за „продуктивноста на корзото“, што го постави пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ како услов за оддржување на седницата на Советот и донесување на одлуката за ова наменско задолжување е легитимно. Но, продуктивноста има разни аспекти, придобивките не се само во парите, туку треба да се знае дека тие ќе се појават во другите непарични вредности, како уживањето и задоволството, кои немаат цена. Што се однесува на виситнската парична профитабилност, ако во проектот се вклопат и ситни трговски или угостителски субјекти, со богата и неодолива понуда, ете ти ја исплатливоста! Во хумана, човечка смисла, тоа корзо на Ѓорче му има донесено голем број нови жители од врските што се реализираа на таа романтична калдрма . Сега од тој аспект резултатот е нула!
Што се однесува до парите што треба да се зајмат: општинската власт треба јасно, транспарентно и прецизно да образложи под какви услови се земаат тие пари. Кредит и заем – е исто, можеме да зборуваме за условите под кои се зема тој заем/кредит. Што се однесува до самата категорија „задолжување“, таа е економски оправдана и е присутна во сите теории, се разбира ако има повратен ефект. Па, и најголемите фирми се воздржуваат од кеш инвестиции, туку бараат поволни кредити од банките или од инвестиционите фондови по поволни услови, па така и државите, дури и најразвиените трагаат по евтини пари, а кешот го чуваат за сигурност за „не дај боже“, а не нашите општини кои постојано се во финасиски дефицит во однос на потребите за развој.
Напуштањето на „седницата“ од страна на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, беше многу провидна и може да се сфати како класична политичка завера: напуштање на просторијата пред непочната седница, без утврден дневен ред, без дискусија за инвестицијата и за проектот, личи на детско инаетење и кривогледност за „поубавата џамлија“.
Дали советниците што ја напуштија салата не се од Ѓорче и не ја чувствуваат таа потреба, или имаат политичка катаракта од страв популарноста да не ја однесе политичкиот противник. Па и ако ја однесе, нека му е на чест. Три мандата на претходниот градоначалник не му донесоа ништо добро на Ѓорче, само кавги и тепачки меѓу соседите, предизвикани од грешките во урбанистичките планови.
Автор: Бране Стефановски, новинар и стар корзаџија