КОЈ КИВНЕ – „ЌЕ ГО ЈАДЕ“

Постои анегдота за несреќен случај во кој животот го изгубиле скоро 100 луѓе поради кивање. Имено Сталин држел говор пред аудиториум од илјадници луѓе, во акмето на своето владеење. Додека сите биле во занес и исклучиво фокусирани на она што Сталин го говори, на еден човек од публиката му се испуштило да кивне. Екот што го предизвикало кивањето го прекинал говорот на Сталин и наеднаш цела публика се згрчила од страв.

Сталин набргу прашал: „Кој кивна?“ а сите исплашени – мудро молчеле. Оној што кивнал немал храброст да признае затоа што мислел дека направил огромно злосторство и дека заслужува најригорозна казна. Бидејќи сите молчеле, Сталин уште повеќе се изреволтирал, прашал повторно: „Кој кивна?“ и повторно публиката била нема од страв, а особено човекот што кивнал и ја предизвикал таа ситуација. Сталин бил упорен да го најде виновникот, па одлучил да почне да стрела по редови. Наредил да се стрела јавно првиот ред. Повторно им дал прилика да кажат кој кивнал – никој не се јавил се уште.

Наредил да се стрела вториот ред. Труповите на стотици луѓе го населувале партерот. Најпосле еден мал и исплашен човек од последните редови кренал рака и го признал своето дело, сакајќи да спречи масакарот да се шири. Кога Сталин најпосле дошол до признанието изјавил: „Оооо па така кажи, нека ти е НА ЗДРАВЈЕ!“

Ова анегдота не ја покажува само суровоста на Сталин, туку го исмева човечкиот страв од туѓата суровост која доаѓа како претпоставка. Ако човекот кој кивнал, не претпоставувал дека Сталин ќе го казни оти тој смета дека тоа е злосторство, ако добро знаел разлика помеѓу злосторство и незлосторство и ако немал страв да ја зборува вистината, ќе спасел стотици животи и веднаш ќе го добиел учтивото обраќање на Сталин со изреката „На здравје“.

Радознала комшивка

Во едно соседство имало многу радознали жени кои по цел ден виселе на своите прозорци, загледувале во туѓи дворови и буквално знаеле се за секого. Да биле во античко грчко време, веројатно таквите денунцијанти ќе биле дел од јавната управа на системот, но во ова време тие се само длабоко несреќни луѓе со недостаток од информација која секако е природна потреба и го храни духот, само што постојат секако – корисни и беневолентни информации и сосема непотребни и деструктивни.

Во тоа соседство се случило кивање. Радозналата соседка мислела дека нејзината друга соседка е во среде сексуален акт и го разбрала звукот како стенкање, а не како кивање. Сакајќи да се доближи до нејзиниот прозорец, таа со огромен фокус и брзина се движела кон прозорецот без да види дека пред нејзиниот нос е ископана длабока дупка за поправање на цевка од канализација. Во целото тоа избезумено движење, радозналата жена паднала во длабока дупка и се убила. Соседката која кивнала, прва го слушнала падот и излегла да помогне, но веќе било доцна.

Дидактичката страна на приказната е дека радозналоста особено ако е малодушна и неправилно насочена може да не убие. Ситното кодошење, игра, интрига и местенка е смрт за оние кои таквата игра ја играт. Ако не се натпреварувате со нив во нивната игра остануваат сами и бидејќи не може да убијат никој, а убиство мора да има, се убиваат самите себе или како што вели народната – Кој на друг дупка копа, сам во неа паѓа.

Кивање во време на епидемија

Во време на епидемија предизвикана од КОВИД19 под сомнение дека некој е извор на зараза се покажува преку кивање и кашлање, бидејќи инфекцијата е белодробна. Целата ситуација со епидемиолошките анкети, кластерите и целокупната методологија за детектирање на болни и потенцијално заразени наликува на лов на злосторници.

(Целата колумна на Магдалена Стојмановиќ прочитајте ја на www.mojzbor.com)