ГДУ: ОВА ДА БИДАТ ПОСЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ БЕЗ ПОПИС НА НАСЕЛЕНИЕТО

До одржување на пописот ќе поминат 20 години од последниот успешно организиран во 2002 година. Досегашните владини коалиции на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ токму на пописот ја покажа својата совршена неспособност, реагира Колев.

Граѓанско-демократската унија (ГДУ) уште еднаш го изразува своето големо разочарување од фактот што, како што вели, самонаречените „големи“ партии, повторно го заобиколија пописот како исклучително важен процес пред одржување на парламентарните избори.

– Ние ги уверуваме сите граѓани дека еден од приоритетите на новото Собрание, во кое ГДУ ќе има свои претставници, ќе биде неодложно одржување на попис и ова мора да бидат последните избори на кои Македонија оди без попис на избирачкото тело, бидејќи сме единствената држава во регионот и пошироко, која веќе 18 години нема спроведено попис – велат од ГДУ.

– Одењето на избори без попишано население дозволува „големите партии“ да продолжат да ги користат веќе познатите методи за лажирање на бројките од гласањето и притоа, едни со други, само да се напаѓаат за изборна измама. И едните и другите ја користат ситуацијата на штета на граѓанинот. До одржување на пописот ќе поминат 20 години од последниот успешно организиран во 2002 година. Досегашните владини коалиции на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ токму на пописот ја покажа својата совршена неспособност. Затоа што невозможно е демократска држава да има добро владеење, да крои политики и да спроведува реформи базирани на факти, без попис на населението. Невозможно е да го продолжиме патот за членство во ЕУ ако не спроведеме попис – вели претседателот на Граѓанската-демократска унија, Петар Колев.