Kој воопшто се плаши од црни листи?
Пишува: Арсим Зеколи
„Ништо не е свето, сѐ е бруто и нето” – Ладно пиво.
Со колку корумпирани политичари, функционери, новинари и ликови се имаат сретнато амбасадорките Анџела Ангелер и Анке Холштајн во последните десет дена? Одговорот на прашањето е на крај на колумната. За да го олесниме одговорот, прво за генезата на корупцијата во политикатакај нас.
Пренесено низ кроки поенти, првата силуета на високата корупција во политиката и дипломатијата кај нас се назираше непосредно по Втората светска војна и распределбата на Маршаловите фондови низ републиките. Самата определба за прифаќање на Маршаловиот план беше одлука донесена од зорт интерес, по раскинот со Сталин, додека пак распределбата се вршеше според тоа кој имал пристап до масата во која фондовите се делеле на братско-единствен и нерамноправен начин. Но тоа тогаш не се викаше корупција, туку самоуправување. Имаше и позамашни германски инвестиции низ кои Германија репарациски си ги рамнеше односите со словенските народи, но не и со Албанците кои единствени останаа фашисти „од колевка до гроб”. Лесно забележлива политика и денес, низ само еден поглед врз градовите или пак картата на инвестиции низ земјата. Но тоа не се вика корупција, туку логика на пазарот.
Службено, во СР Македонија постоеше само романтичен рушвет во форма на бомбоњера „Опера” и кафе „Франк” за добриот доктор. Неслужбено, Албанците и не-Македонците беа речиси исфрлени и држани надвор од системот, осудени на „претприемништво” или иселување. Но тоа не се викаше корупција, туку борба за зачувување на уставниот поредок. Во демократијата, западните амбасади беа свесни за масовната кражба наречена приватизација, но тоа го сметаа како првична акумулација на капиталот, а не обичен лоповлук на привилегираните по моќ и блискост до штотуку отворените амбасади. Дури и првата девалвација на денарот платена со крв на невини гостиварчани беше повод амбасадите во Скопје да го демонстрираат интересот на привилегијата, заштитен од „правото на македонската полиција” спроти непривилегираните протестанти. Ни тоа не беше корупција, туку сочувување на интегритетот и суверенитетот на земјата.
Системите се променија, принципите останаа исти
Наведените се само телеграфски избрани примери за начинот и вокабуларот низ кој корупцијата стана дел од самата ДНК на оваа држава од самиот зачеток до денес, со помош на меѓународната заедница. Во нејзината срж се крие денешната популарна мантра кај македонските националисти и западните дипломати дека „форсирањето на Албанците го поттикнува македонскиот национализам”. Во реалноста пак, таквото форсирање во последните 5-6 години е само капка во споредба со мулти-децениското форсирање на Македонците од страна на меѓународната заедница во економијата, политиката, дипломатијата, медиумите итн. Разбирањето на корупцијата е неизводливо доколку не ја согледаме нејзината суштинска природа: тактички инструмент за спроведување стратегии од страна на оние кои не хранеа како Југословени доскоро или северно-Македонци отскоро.
Целата колумна прочитајте ја на Deutsche Welle.
