Колев до Шилегов: „Отвори бесплатна автобуска линија БЕЛА ШАМПИТА-СУД, СУД-БЕЛА ШАМПИТА“

Повеќе од јасно е дека, проблемот со загадениот воздух, не може да се реши со маѓично стапче, но за жал не гледам ни минимални заложби за соочување и обид за решавање на проблемот. Повеќе од јасно е, дека се изгубени години и потрошени многу пари на граѓаните за апсурдни идеи, како што е панорамското тркало, врбите во Вардар, палмите на г-дин Коце Трајановски и ред други непродуктивни проекти. Не можам никако да ја апсорбирам невоспитаноста и ароганцијата на тие истите, кои до вчера беа на власт и не убедуваа дека се што прават е гениално. Недостатокот на срам и совест, после се она што си го направил особено со градот Скопје, комбиниран со смелоста да коментираш за загаденоста е меко кажано, недостаток на домашно воспитување.

Господата од ДПМНЕ, наместо да ни објаснуваат колку е загадено, како небаре ние не знаеме, нека внимаваат на разпоредот на судските рочишта,  за да не задоцнат случајно. Во таа насока, би го замолил новиот градоначалник на Скопје, првиот високоеколошки автобус што ќе го купи ЈСП да го насочи на линијата(БЕЛАTA ШАМПИТА-СУД, СУД-БЕЛА ШАМПИТА), бидејќи  господата од ДПМНЕ се движат многу со автомобилите на оваа линија и дополнително го загадуваат воздухот. Но тоа е минато време и се надевам, предмет на истражување на СЈО и ОЈО.

Потребни се мерки кои ќе родат со плод во наредниот период. Тие би имале ефект не само врз загадувањето но и врз буџетот, безбедноста и стандардот на граѓаните.

1. Евростат излезе со статистика во која се вели дека над 80% од автомобилите во Македонија се постари од 10 години. Таквите автомобили се со пониска еколошка но и безбедносна спецификација и технологија.

-Отпаѓањето на царинските и други давачки кон државата би дало шанса на граѓаните да си купат по модерни и нови автомобили.

2. Потребна е контрола на големите загадувачи како што се големите производствени капацитети.

– Налагањето на високи еколошки стандарти да се стимулира со ослободување од некои давачки кон државата.

3. Инвестирање во условите за централно греење и разбивање на монополот во таа област. Кога би имало конкуренција на неколку доставувачи на топлинска енергија, пазарот ќе си го направи своето и цените ќе паднат, а на граѓаните нема да им е економски изплатливо да се грејат на дрво или јаглен.

4. Создавање на стратегија за еколошки градски транспорт особено во градот Скопје. Жално е што предходната власт инвестираше во кинеските имитации на лондонски автобуси. Некој за тоа треба да понесе одговорност!

-Започнување на процес за смена на градските автобуси на дизел гориво со високо еколошки автобуси на природно гориво, кои имаа 0% штетни емисии во воздухот. Треба да се започне со работа.

Сметам дека доволно се зборуваше и објаснуваше. Владата може, се разбира доколку сака, уште утре да започне со подготовка за законските измени за отпаѓање на царината и другите давачки за автомобилите, не е многу но како за почеток, преку овој чекор ќе ја изрази својата волја и намера  да започне со решавање на проблемот.

Пишува: Петар Колев

Извор: Поглед