Колев: Македонија може да биде успешна само како дел од Европа- треба да се разделиме со синдромот „наше дете“ останат од комунизмот
„Химната на Европа „Ода на радоста“ е потсетник дека сите ние треба да се стремиме кон тоа да го зачуваме нашиот заеднички дом, обединет и подготвен за предизвиците со кои што се соочуваме во моментот и со оние кои што ќе се појават на нашиот пат во иднина“, пишува Петар Колев, претседател на партијата ГДУ по повод 9 мај- Денот на Европа.
„Македонија може да биде успешна само како дел од Европа. Ние немаме друга алтернатива освен да работиме напорно за тоа нашата земја да почне да ги чувствува основните демократски вредности врежани во слободарскиот дух на стариот континент. Македонија може и ќе биде држава во која ќе владеат принципите на правото и правната држава. Македонија нема вечно да спаѓа во категоријата на земји од хибриден или некаков друг тип на режим. Македонија ќе се раздели со синдромот „наше дете“ останат од времето на комунизмот“, стои во објавата на Колев на социјалната мрежа Facebook.
„Да работиме заедно за тоа. Да им покажеме на остатоците од лошите практики во минатото дека ние можеме да се избориме за подобри денови за нас и нашите деца. Без нарачани судски пресуди, без „бомби“, без непотизам, без корупција во невидени размери, без малтретирање и дискриминација на обичниот човек, без замајување и бегање од вистинските проблеми на граѓаните“, пишува Колев.
„Нека ни е честит Денот на Европа и да ја направиме заедно Македонија навистина европска Република“, стои во објавата на претседателот на ГДУ.
