КОЛКУ ПАРИ СИ ПОДЕЛИЈА ОД БУЏЕТОТ СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И НИВНИТЕ КОАЛИЦИСКИ ПАРТНЕРИ
Вкупно 39 политички партии оваа година добија пари од буџетот согласно новиот Закон за финансирање на политичките партии, информира ИРЛ. Исплатени се 4.583.000 евра, а дополнително треба да се распределат уште 319.800 евра за партиско – аналитички центри. ИРЛ податоците ги добила од Министерството за правда.
Најмногу пари од државната каса им се поделиле на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија добила 1.180.000 евра, а најголемата опозициска партија 1.025.000 евра. На третото место според исплатената сума е партијата на Ахмети ДУИ со 441.000 евра, а далеку зад нив се БЕСА со 255.000 евра и Алијанса на Албанците, којашто добила 245.000 евра.
ГРОМ на Стевчо Јакимовски од парите на граѓаните оваа година добила 136.000 евра, а Сојузот на Ромите на Амди Бајрам 116.000 евра. Социјалистите на Ѕинго земале нешто помалку односно 81.000 евра.
Од партиите кои постојано се во коалиција со некоја од двете најголеми партии НСДП искеширала 58.000 евра, ЛДП 63.000 евра, а ДОМ 54.000 евра.
Дел од партиите кои добија пари оваа година немаат пратеници, ниту пак советници, но освоиле доволен процент гласови за да влезат во распределбата на парите од буџетот. Партијата на Власите партиципира со 11.800 евра, а Левица дури со 94.500 евра.