КОНЕЧНО ЗАЕВ ПОСАКА ДА РАЗГОВАРА СО МИЦКОСКИ НА ЛИДЕРСКА

После долгото барање на опозицијата да се одржи лидерска средба за да се разгледаат важните прашања кои ја тиштат Македонија, денеска премиерот Заев прозборе за оваа тема, најавуваќи дека такво нешто сега е можно. Европските интеграции, состојбата со Ковид – 19 како и изградбата на новиот Клинички центар треба да бидат главни теми на лидерската средба која би се одржала до крајот на годинава, најави премиерот.

loading...

-До крајот на годината планирам да свикам лидерска средба, секако доколку претходно претседателот на државата тоа не го направи. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, го повика претседателот на државата да свика лидерска средба. Не сум во тек што се случува, но доколку не се свика таква лидерска срадба јас би го контактирал претседателот на државата за една таква намера, доколку не, јас до крајот на годината планирам да свикам една лидерска средба и заради евроинтеграциите и заради справување со ковид кризата, рече Заев.

За потсетување, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара да се свика лидерска средба за да се разговара за актуелната политичка, здравствена, образовна, економска ситуација во земјава.

На ова, минатиот месец премиерот Заев, беше запрашан зошто не одговора на повикот на опозицијата за лидерска средба.

-Ако сакам да се скарам со Бугарија не ми треба Мицкоски, тоа можам и сам, но во моментот се работи да се постигне европско решение и да се постигне договор по кој ќе продолжиме на патот кон ЕУ, рече тогаш Заев.


loading...

Инаку, ова е вторпат за кусо време како Заев – изградбата на новиот Клинички центар ја споменува како тема за лидерската средба. Неодамна, во едно телевизиско интервју тој ја кажа во контекст на „обединувањето во земјава и со опозиција околу конкретен проект“.

-Крајно време со опозицијата заедно да се направи нешто добро. Од духот на внатрешното помирување не смее да се откажеме. Малку сме, браќа сме, изјави тогаш Заев.

Инаку, проектот за новиот Клинички центар владечаката СДСМ и партнерите до сега го туркаа сами наспроти проектот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која планираше изградба на нов центар во кругот на веќе постоечкиот Клинички центар „Мајка Тереза“. 

Извор: Скопско ехо