Ковачев му одговори на Билд: РС Македонија не може да започне преговори со ЕУ заради своето однесување кон Бугарија и Бугарите

//

„Бугарија многу пати покажувала добра волја кон Република Северна Македонија, но и покрај тоа Скопје користи говор на омраза против нашата земја, институционализиран во учебниците и медиумите, во кои Бугарите се нарекувани „Татари“ и „фашисти“. Со своето сегашно однесување, РСМ не може да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ без јасен патоказ, кој мора да биде дел од заеднички договорената рамка за преговори со ЕУ“, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во писмо до шведскиот политичар Карл Билт, копретседавач на Европскиот совет за надворешни односи, кој ја обвини Бугарија дека ја уценува Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ „заради причини во далечната историја“.

Во својот одговор до Карл Билд, бугарскиот европратеник потсетува дека повеќе од 130.000 граѓани на РСМ добиле бугарско државјанство врз основ на потекло, но нивното постоење е целосно игнорирано од Скопје. Тој го повика шведскиот политичар да се приклучи на напорите за вистинско европско помирување и да ги отфрли бруталните злосторства и лаги против Бугарија, кои се дел од комунистичкото наследство.

Агенцијата БГНЕС го објавува целиот текст на писмото на Андреј Ковачев до Карл Билд.

“Бев прилично изненаден од вашата статија (” Опасниот балкански застој “), објавена во многу бугарски медиуми. Во Вашата статија Вие тврдите дека Северна Македонија е уценувана од Бугарија, заради причини, што се дел од далечната историја и немаат врска со современието. Би сакал да ја искористам оваа прилика да презентирам на Вашето внимание некои факти од новата историја на односите меѓу двете земји – по осамостојувањето на сегашната РСМ од комунистичка Југославија.Владејачките елити во Скопје по 1944 година пред и по осамостојувањето на земјата, користеа говор на омраза и лаги, фалсификувајќи и манипулирајќи со историјата со децении , а нивната омраза беше институционализирана во учебниците и медиумите, каде што Бугарите беа нарекувани „Татари“ и „фашисти“. Повеќе од 130 илјади граѓани на РСМ поседуваат и бугарско државјанство, по основ бугарско потекло, нивното постоење се игнорира од Скопје. Во земја со население од два милиони луѓе, од кои половината се Албанци, Роми, Власи и други, оваа бројка е сериозна. Порано овие луѓе беа прогонувани, денес се подложени на вербално насилство и дискриминација и се плашат отворено да се декларираат како Бугари. Оваа дискриминација и насилство се вршени не само од обичните граѓани на PCM, туку и од државни службеници. Пред извесно време г -дин Зоран Иванов – тогашен претседател на Одборот на директори на Македонската информативна агенција (МИА), беше отпуштен беше отпуштен поради вулгарен коментар упатен кон тогашната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева. Претходно, овогодинешниот натпреварувач на PCM за Евровизија, Васил Гарванлиев, беше цел на смртни закани и говор на омраза, откако во телевизиско интервју спомена дека има двојно државјанство македонско и бугарско, по потекло.

Оваа омраза, започната од комунистите, сигурно не е дел од основните европски вредности. Во овој поглед, очекувам дека ќе им се придружите на напорите за вистинско европско помирување и ќе ги отфрлите бруталните злосторства и лаги кои се дел од комунистичкото наследство. Можеби се прашувате зошто толку малку се слуша за ова прашање на меѓународно ниво. Бугарија – за разлика од Грција, никогаш не сакала да го донесе проблемот на меѓународна сцена, бидејќи отсекогаш сме верувале дека ќе можеме да го надминеме болното наследство на комунизмот со братски напори. За жал, досегашните напори беа еднострани и бесплодни.

Република Северна Македонија не ги почитува Копенхашките критериуми за почитување правата на сопствените граѓани. Ова е забележано во годишните извештаи на Европскиот парламент за PCM. Бројни случаи на говор на омраза, насилство и дискриминација против луѓе кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет или бугарско потекло се запишани во годишните извештаи на ЕП за Република Северна Македонија. За дополнителни информации можете да најдете во извештаите овде: 2011, 2012, 2014, 2015, 2016, 2019-2020 година.

ЕП, исто така, ја нагласува важноста на историското помирување за надминување на длабоките поделби од тоталитарното минато што постојат и денес. Единствената причина за Европскиот парламент привремено да го суспендира усвојувањето на текстови за дискриминација на лица со бугарско потекло или самосвест во 2017 и 2018 година беше потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Како и Бугарија, ЕП се надеваше дека по потпишувањето на Договорот, ќе дојде до вистинско подобрување на односите меѓу Софија и Скопје.



Со своето сегашно однесување, РСМ не може да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ без јасен патоказ, кој мора да биде дел од заеднички договорената рамка за преговори со ЕУ. Ова е неприфатливо за Скопје во моментов. Бугарија очекуваше дека Договорот ќе биде чекор во вистинската насока кон надминување на поделбите наследени од комунистичката диктатура, но стана јасно дека пост-југословенската елита нема храброст да ги направи потребните промени. Напротив, владејачката класа во Скопје ги направи сите напори по потпишувањето на Договорот за добрососедски односи за да ја претстави бугарската позиција како смешно барање поврзано само со историјата. Тажно е што има западноевропски научници и политичари, кои се наоѓаат под влијанието на оваа пропаганда спонзорирана од државата. Односите меѓу двете земји сега се уште полоши отколку пред потпишувањето на Договорот – има повеќе случаи на злосторства од омраза. Ситуацијата е неподнослива за секој што отворено се идентификува како Бугарин во Северна Македонија.

Довербата меѓу двете страни е изгубена и треба да се врати. Во текот на последните 30 години, Бугарија постојано покажува добра волја. Софија беше првата што го призна Скопје по нејзината независност како Република Македонија. Ние веднаш и дадовме на младата република воена опрема за да се одбрани од потенцијалната закана од тогашна Југославија, во која доминираше Србија на Милошевиќ. Го поддржавме Скопје во снабдување со храна и гориво за време на ембаргото во Југославија. По неговото завршување, ние го браневме суверенитетот и територијалниот интегритет на тогашната Република Македонија за време на настаните во 2001 година. Бугарија беше една од првите што го ратификува протоколот за пристапување на РСМ во НАТО за да ја заштити земјата од влијанието на трети земји.

Историски, фактот дека географската област на Македонија останала во рамките на Отоманската империја по Берлинскиот договор е огромна драма за генерациите Бугари кои во тоа време ја претставувале најголемата етничка заедница во географскиот регион на Македонија. Бугарија отсекогаш ја поддржувала со сета своја сила и средства, дури и под ризик од сопственото постоење, борбата на македонските Бугари за автономија, ослободување и независност во согласност со она што се случува на светската сцена. Нема сомнение дека и Бугарија и јас ги почитуваме модерните реалности кои се последица на драматичните настани од минатиот век. Ова не е партиска политика, туку национален став на Република Бугарија. Не се базира на национализам, туку на европски вредности за правда и почитување на достоинството и правата на сите граѓани, без оглед на нивното самоопределување.

Само заедно, рака за рака, како дел од големото демократско европско семејство, можеме да ги надминеме страдањата и поделбите од минатото. Затоа мотото на Европската унија е „Обединети во различностите“. Очекувам од вас, како искусен и долгогодишен политичар, да ги повикате политичките сили и академските кругови во РСМ да најдат сила да ја надминат децениската поделба и дискриминација врз Бугарите и Бугарија. Зависи од земјата -кандидат кога и колку брзо ќе стане дел од ЕУ – нешто што и јас и Бугарија го сакаме и работиме за истото со децении. Се надевам дека ќе имате малку повеќе трпение и желба за да добиете информации од различни извори за проблемите на Балканот. Си ја земам слободата да го објавам овој текст како одговор на вашето јавно искажано мислење. Останувам достапен за дискусија ако сакате да разговарате за овие прашања подетално, стои во писмото на Андреј Ковачев до Карл Билд.

Претходна статија

Две третини од активните ковид-случаи се во три града

Следна статија

180 сообраќајни прекршоци во Скопје, 80 санкции за брзо возење

Најново од Вести