Ковачев пред бугарскиот дневен весник „24 часа“: Околу 200 илјади луѓе од РСМ добиле бугарско државјанство врз основ на потекло
– Г-н Ковачев, по толку години политичка криза, како денес изгледа Бугарија во очите на групата на ЕНП и на нашите европски партнери, како стои на Балканот?
Геополитичката ситуација во светот е исклучително нестабилна и затоа е многу важно што Бугарија конечно има стабилна и предвидлива влада. Ние ја презедовме одговорноста – ГЕРБ, нашиот претседател г-н Бојко Борисов – да настапиме државнички, а не теснопартиски, за Бугарија да има власт што ќе може да ги брани и бугарскиот национален интерес и заедничкиот европски интерес во овој исклучително нестабилен свет.
Што се однесува до Западен Балкан – да, бугарската позиција е многу важна. Целта на нашето претседавање беше да им помогнеме на сите земји од Западен Балкан побрзо да ги надминат недостатоците и наследството од минатото за да станат дел од ЕУ. Тоа е во европски интерес, во интерес на граѓаните на тие држави, но и во наш интерес со оглед на дискриминацијата врз Бугарите таму. Мислам на Република Северна Македонија и Србија, каде за жал рецидивите од минатото сè уште постојат.
– Еврокомисијата ги објави оценките за напредокот на земјите кандидатки за членство во ЕУ. Кои се препораките за Северна Македонија и дали конечно Брисел ја разбира бугарската позиција?
За првпат Еврокомисијата дава конкретни години за завршување на преговорите: за Црна Гора 2026 г., за Албанија 2027 г., за Молдавија и Украина 2028 г. И јасно констатира дека заостануваат Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Тоа значи дека Скопје не успева да напредува ниту во реформите, ниту во поглед на европската интеграција.
– А зошто?
Затоа што владата беше зафатена со локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ победи убедливо, но ризикувајќи ја европската интеграција на своите граѓани со квази-националистичка кампања против тоа што државата самата го прифати во Преговарачката рамка – внесувањето на Бугарите во сите делови на Уставот и исполнувањето на Договорот со Бугарија, заедно со протоколите.
– Дали сметате дека нивната политика сега ќе се промени или пак Бугарија повторно ќе биде подложена на притисок од Европа да ја прифати позицијата на Скопје?
Не, не, апсурд! Тоа не може да се случи! Повеќепати беше изјавено и од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, и од претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, и од комесарката за проширување Марта Кос, дека РСМ мора да ги исполни условите што самата ги прифатила. Позитивни сигнали видовме со потпишувањето на договорот меѓу двете министерства за транспорт во Ѓуешево за изградба на заедничкиот тунел на границата и завршување на железничката врска меѓу Скопје и Софија, која е дел од коридор бр. 8 – исклучително важна врска не само за трговијата и туризмот, туку и за одбраната, врската меѓу Јадранското и Црното Море. Се надевам дека ќе има и други чекори во исполнувањето на Договорот од 2017 г. Во него нема ништо загрижувачко – тоа е договор за пријателство и добрососедство, во кој пишува дека имаме заедничка историја и дека треба да го развиваме добрососедството во сите области, без говор на омраза и без дискриминација, а граѓаните кои се чувствуваат како Бугари да можат слободно да се развиваат, да имаат кариерни можности, нивните деца да не бидат навредувани во училиштата, нивниот бизнис да не биде под притисок. Тоа се сосема нормални работи, не се само европски вредности, туку и човечки.
– Така е, но гледаме дека едно е тие работи да бидат запишани на хартија, а сосема друго реалноста. А и говорот на омраза – од време на време повторно се враќа во политиката во Скопје.
Нашата подадена рака останува, и нивна е одговорноста колку искрено сакаат вистинско полноправно членство во ЕУ. Тоа е поврзано со исполнување на критериумите што ги прифатиле. Тоа не се двојни стандарди, не е ништо надвор од Копенхашките критериуми, како што тие тврдат. Тоа се основни човекови права кои мора да се почитуваат! Права на граѓани кои јавно сакаат да ја изразат својата бугарска самосвест – да не бидат дискриминирани. И кандидат-земја не може на никаков начин да поставува услови на полноправна членка, каква што е во случајов Бугарија.
Би сакал да допрам и друга тема – голем дел од граѓаните на РСМ добиле бугарско државјанство. Мој апел до колегите во Народното собрание и до министерот за правда е да се усвојат измените во Законот за бугарско државјанство и да има јавен регистар, за да се знае кој побарал бугарско државјанство. Разбирливо, со ограничени податоци, за да не се прекрши европското законодавство.
– Го сакате тоа од политички аспект, бидејќи се зборуваше дека има политичари од РСМ кои добиле бугарско државјанство. Но нема ли тоа да биде удар врз обичниот човек, особено со оглед на репресиите кон оние што се изјаснуваат како Бугари?
Оние кои се плашат дека тоа може да доведе до негативни последици за нив и нивните семејства може да поднесат барање да не бидат вклучени во јавниот регистар. Но стигматизацијата мора еднаш засекогаш да се надмине. Имаме податоци дека околу 200.000 граѓани на РСМ добиле бугарско државјанство по потекло. Многу е важно да се направи анализа како се добива бугарско државјанство по потекло – тие со документи докажале дека нивните предци биле дел од бугарската Егзархија, бугарско училиште или војска. Тие имаат докази и потпишале документ дека во моментот се чувствуваат како етнички Бугари. Значи ги исполнуваат сите критериуми од законот за докажано бугарско потекло, но засега тоа се крие. Врската со бугарската држава е само на едно шалтерче, каде службеничка им го дава пасошот и личната карта – и потоа повеќе немаат никаква врска со Бугарија. Затоа е неопходно да има церемонија со институционална тежина – фотографија пред знамето и грбот. И јавен регистар, повторно со можност за ограничување за оние кои се чувствуваат загрозени.
Имаме толку многу сонародници во Молдавија и Украина кои со години чекаат бугарско државјанство. Кога ќе отидете во Тараклија, Комрат, Болград или Одеса, тие велат: „Романско државјанство добиваме многу побрзо, за неколку месеци, а бугарско чекаме со години“. Има апсолутна неефикасност во бугарската администрација и Законот за државјанство во однос на нашите сонародници таму. Младите имаат можност да студираат во наши универзитети, затоа што постои квота за лица од бугарско потекло. Тоа значи дека тие се заведени како Бугари по потекло во универзитетите, но не добиваат државјанство, бидејќи тоа не се признава од Комисијата за државјанство кај Министерството за правда. Тоа не е правилно и мора да се промени.
– ЕУ предупреди за опасноста од проектот „Српски свет“ и неговото влијание врз безбедноста на Западен Балкан. А пред неколку дена, блискиот до премиерот Александар Вучиќ, поранешен вицепремиер Александар Вулин, ја испровоцира Софија со коментар дека „бугарскиот окупатор треба да молчи и да пали свеќи“. Како го коментирате тоа во контекст на проширувањето?
Веднаш ја испратив изјавата и до српскиот амбасадор во Брисел. Официјалното објаснување беше дека Вулин моментално нема никакви функции и дека претседателот Вучиќ не го користел терминот „српски свет“ од 2013 г. наваму. За мене тоа не е доволно добро објаснување – Вулин имаше многу сериозни позиции.
Знаеме за репресиите врз нашите сонародници во Западните покраини – Цариброд, Босилеград. Иван Николов, претседателот на бугарскиот културен центар во Босилеград, е постојано изложен на таков терор. Му беа поднесени обвиненија за поттикнување етничка омраза затоа што ја распространувал книгата на Едвин Сугарев, чиј предговор го напишав јас. Сметаат дека таа ширела омраза, но тоа се историски факти и вистината. Омраза е да ги тераш младите сонародници да пишуваат есеи за „бугарските злосторства“ и колку се лоши „бугарските окупатори“, ако ја користиме реториката на Вулин.
Но треба да го видиме и влијанието што различни српски структури во академијата, тајните служби, политиката и црквата го имаат врз процесите во РСМ. Тоа не е теорија на заговор. Од времето на Титова Југославија тие влијанија се многу силни и не одат во насока на помирување со Бугарија, ниту во насока на исполнување на сè запишано во Договорот за добрососедство. Тоа е меѓународен договор, ратификуван од двете држави и испратен во ООН, па така е и дел од преговарачката рамка и мора да се исполнува.
Целото интервју прочитајте го во 24 часа.

