|

Ковачевски: Безбедносната состојба во земјава е стабилна, во однос на дојавите за поставени бомби МВР работи со полн капацитет

Ковачевски тврди дека безбедносната состојба во земјава е стабилна и оти во однос на дојавите за поставени бомби во повеќе училишта и јавни места, МВР работи со полн капацитет.

– МВР целосно и успешно ја врши својата работа за да ја гарантира безбедноста на секој граѓанин во нашата држава. Што се однесува до монструозните дојави за бомби…, на ваков тип напади се изложени и соседните земји. Последните се во Црна Гора, но ги има и во Србија. Според експертите од оваа проблематика, особено се зголемени по отпочнувањето на војната во Украина. МВР со однос на дојавите за бомби дејствува со полн капацитет. Како резултат на ова, на 7 декември, Секторот за борба против тероризам, до ОЈО за гонење организиран криминал поднесе кривична пријава против малолетник од Скопје – потсети Ковачевски.

Според премиерот, со оглед на фактот дека се работи за странски ВПН адреси не може веднаш да се детектира местото од каде се праќаат заканите, но дека колку и да се покаже дека дојавите се лажни, на секоја закана мора да се и се пристапи темелно и без никави импровизации. Сепак, Ковачевски, повтори дека се работи за големи операции, кои претежно се одвиваат во места каде има голем број луѓе за да се создаде паника и страв.

-Истрагата е посложена во случаи кога испраќачите на заканувачките пораки успеваат да ги затскријат нивните траги. Тоа се случува кога испраќачите користат ВПН адреси. Поради тоа во многу случаи е нужна меѓународна соработка, а од МВР соработуваат со партнерски служби за ова прашање. Се прават комплетни анализи – додаде Ковачевски. Тој потсети дека во сите земји од регионот доминира оценката дека станува збор за специјална војна или т.н. хибридни напади, кои зачестија со почетокот на војната во Украина, а се со цел да се созде паника и дестабилизација.

Освен Македонија и другите земји во регионот овој период повторно се мета на хибридни закани. Во Црна Гора беа таргетирани судовите: Врховниот, Апелацискиот и Вишиот и тоа од лажен меил на црногорски пратеник. Досегашната истрага покажала дека дојавата е испратена од странство. На почетокот на месецов дојави кои се покажаа како лажни пристигнаа на мејл адресите во Врховниот и Високиот кривичен суд во Загреб, како и во судовите во Пула, Сплит, Дубровник и Вараждин.

Во понеделникот кога беа таргетирани едно основно училиште во Кавадарци, девет скопски средни училишта, но и МНР, ГТЦ „Ист гејт мол“ и кулите „Џевахир“, дојави за поставени експлозивни направи имаше и во главниот град на Црна Гора, Подгорица, каде се евакуирани повеќе основни и средни училишта. Истиот ден таква дојава стигна во средните училишта во Нови Пазар, Србија.

Најмасовна дојава е онаа од Србија кога во ист ден во март годинава беше испратена до 96 училишта преку странските провајдери „Еунет меил“, Јандекс“ и „протонМеил“.

Слични Објави