Ковачевски: Инициравме законски измени со кои ставивме крај на 15 годишниот проблем на пациентите со цистична фиброза
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција објасни дека со законските измени за набавка на лекови кои се произведуваат од еден производител, односно кога станува збор за патентиран лек, се решава децениски проблем на пациентите со цистична фиброза и ретки болести.
Лекот „Трикафта“ за најкритичните пациенти со цистична фиброза пред неколку дена пристигна на Клиниката за детски болести и Клиниката за пулмологија.
„Денес лекот „Трикафта“ веќе го примаат дел од пациентите. Министерството за здравство и ФЗО во координација со мојот Кабинет одобрија 2,2 милиони евра за набавка на лекот „Трикафта“. Со оглед на тоа дека добавувачот на лекот успеа да постигне пониска цена, во однос на количините кои што беа побарани по лек, се остави простор дека плус пациенти во тој износ можат да го добијат лекот. Таа апликација е веќе започната во однос на овие количини кои се веќе пристигнати. Со оглед на тоа дека овој лек го произведува еден производител, бидејќи е патентиран лек, ние веќе предложивме законски измени и тие беа поднесени од моја страна до Собранието. Законските измени се поврзани со оваа терапија и тие се наоѓаат во Собранието и за нив е закажана седница на 16 март, сметам дека сите пратеници тоа ќе го поддржат“, рече Ковачевски.
Премиерот објасни дека нашите закони не дозволуваат директна набавка од производители што имаат патентиран лек, туку мора да се оди преку јавни набавки и трговци на лекови. Тоа дополнително ја зголемуваше цената на лековите, па затоа иницирал веднаш да се пристапи кон измени на законската регулатива и подготовка на законски решенија со кои ќе се овозможи во најбрз рок пациентите да ги добиваат лековите и да може директно да се преговара со производителот кој единствен го има лекот, со цел да се добие подобра цена.