|

Ковачевски од самитот на НАТО: Ги јакнеме инвестициите во колективната одбрана за засилена безбедност на нашите граѓани

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, пред официјалниот почеток на самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, изјави дека на овој самит сите сојузници се исправени пред носење многу важни одлуки, со што ќе покажат единство во однос на тековните и идните предизвици.

„Ова е исклучително важен состанок, доаѓа во многу важен момент, во момент кога практично се води војна во Украина. Состанокот доаѓа по самитот во Мадрид, на кој имаше многу работа што ја работеа министрите за одбрана, министрите за надворешни работи и секако претставниците во постојаното седиште на НАТО. Ќе бидат донесени неколку многу важни заклучоци. Прво, ќе бидат донесени одлуки во однос на регионалните аспекти на одбраната на НАТО-земјите, и тоа вода, копно и воздух, секако и за аспектите на сајбер-одбраната и одбраната од хибридни напади. Следно, ќе бидат донесени одлуки во однос на унапредувањето на соработката со Украина, практично ќе биде формиран совет на НАТО и Украина, на кој во иднина ќе може да се носат одлуките што се однесуваат на заедничката соработка“, рече Ковачевски.

Дополнително, во однос на финансирањето на сите овие зголемени потреби за одбраната во овој нов геостратешки контекст, како што рече Ковачевски, ќе биде донесена одлука во однос на финансирањето, и тоа значи дека 2 % од БДП ќе биде практично минимумот за финансирање на одбраната, со тоа што најмалку 20 % да бидат за модернизација.

„Северна Македонија е земја што на модернизација веќе инвестира 30 отсто од буџетот за одбрана, што секако дека е потребно во овој контекст. Дополнително, во однос на идната соработка со Украина, Северна Македонија има многу јасна позиција. Ние како 30-та земја членка секогаш поддржуваме отворена врата на пристапување во НАТО, меѓутоа секако кога ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти на актуелниот момент“, дополни Ковачевски.

 



Слични Објави