|

Ковачевски: Владата ја предложи Миликије Халими за директорка на „Аеродроми“ врз основа на универзитетска диплома

Миликије Халими е предложена и избрана за директорка на јавното претпријатие за аеродромски услуги врз основа на универзитетска диплома што ја приложила, рече денес премиерот Димитар Ковачевски. Халими во 2017 година стана првата жена градоначалник на општина Арачиново, која по завршувањето на градоначалничкиот мандат со средно медицинско училиште, конкурира и беше избрана за инспекторка во Царинската управа, а во саботата јавно на социјалните мрежи му се заблагодари на СДСМ за довербата да раководи со „Аеродроми“.

„Таа е избрана од страна на надзорниот одбор и врз основа на критериуми што ги има јавното претпријатие за аеродромски услуги, кое, сепак, е едно мало претпријатие и врз основа на универзитетската диплома што ја има таму поднесено. Таа е предлог на Владата врз основа на универзитетската диплома што ја има и која ја имаат и други функционери што извршуваат пратенички функции“, рече премиерот Ковачевски по свеченоста по повод Националниот ден на осигурувањето.

Назначувањето на Халими за директорка предизвика лавина реакции во јавноста со обвинувања за владејачката партија дека ги изневерила сите идеали на шарената револуција, која му помогна на СДСМ да дојде на власт.



Слични Објави