| |

КРАДЕЦОТ ВИКА, ДРЖЕТЕ ГО КРАДЕЦОТ!

„За капацитетот на еден човек на раководна функција може да се суди по тоа какви луѓе допушта околу себеси. Ако тие луѓе се способни и лојални, тоа може да не увери и за неговата мудрост и способност, бидејќи успеал да ја препознае нивната способност и да ја задржи нивната преданост. Ако луѓето околу него не се такви, тогаш и за него важи истото, бидејќи тој веќе го направил првиот гаф, избирајќи погрешни луѓе на погрешни места.“

                                                                                                    Н. Макиавели

И тркалото се сврти и улогите се разменија, сценариото е исто, само цената малку повисока. ВМРО-ДПМНЕ застана во одбрана на новинарите и правниот систем, а некои функционери на СДСМ преку својот вокабулар почнаа да наликуваат на еден „братучед” од блиското минато. Верувам дека граѓаните на земјата со најдолг статут како кандидат за член на ЕУ и НАТО ќе ги разберат овие трикови и нема да чекаат да се пензионираат со истата позиција, радувајќи се на „космичкото” покачување на пензиите.

Прво е смешно, а би рекол и невоспитано, ДПМНЕ да зборува за слобода на изразување и правда, кога тие воведоа „стандарди“ во т.н „новинарство по нарачка“. Да не ги забораваме и цитатите „ова ќе му е седум години”, „за уши ќе влечеме”, „ова со динамит, да не го тупиме многу” итн. Во нивно време се затвораа медиуми, се апсеа новинари, а тие што остануваа подалеку од огнот, мораа преку автоцензурата да врзат крај со крај.

Од друга страна пак, СДСМ, менува руво во одлучна партија, која ќе ги искористи сите „демократски” капацитети за да остане на власт. Како што рече премиерот Заев, тој нема да дозволи на одредени луѓе да му ја „скројат капата“. Твојата „капа“ премиере не е нашата… Си ја скрои сам и да си ја носиш со здравје!

Граѓаните се тие, кои се додека не преземат чекор, ќе останат неми набљудувачи на ова менување дресови кај СДСМ и ДПМНЕ. Од Бихаќка и од Белата палата немаат причина да се плашат, досега нивните дворски игри поминале без никаков проблем. Во 90-тите ДПМНЕ ќе го враќаше знамето, не го врати, СДСМ пак ветуваше правда и мир откако ќе падне режимот на Груевски. Ја видовме правдата, 4 години затвор за оној дедоно што ја оскуба Шекеринска и неколку тендери за фирмите на Крсто Мукоски додека истиот беше во притвор, но неговиот „златен“ глас беше потребен за да се случат уставните измени.

„Најмногу ги мразат тие што ја зборуваат вистината” – рекол Платон, па да се „мразиме” искрено господа. Вистината е најсилното оружје, а ние сме решени да го победиме стравот и да го земеме во рака тоа оружје, па кој ќе „преживее” нека раскажува. Секој ќе си фати страна во ова време разделно, или на страната на злото и конформизмот или на страната на вистината, правдата и татковината.

Со вас господа и дами компромис нема, цената е многу висока. Нема да дозволиме децата да ни го минуваат истиот пат што го поминавме и ние. И за крај „џандарот” збира навистина, знаеме и од каде, знаеме и по колку, знаеме и за кого. Но не е проблемот што ние знаеме, проблемот е што цела Европа знае.

Автор: Петар Колев, претседател на Граѓанско Демократска Унија



Слични Објави