Кулеба: Не е Путин единствениот кој треба да одговара за агресијата во Украина
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба смета дека не треба да се дозволи „соучесниците во агресијата против Украина“ да ја префрлат целата одговорност на претседателот на Русија, Владимир Путин.
„Не смееме да дозволиме оние кои се соучесници во ова злосторство да го обвинуваат Путин за сè. На пример, министерот Лавров мора да сноси 100 проценти одговорност за соучесништво во агресијата. Шојгу мора да одговори. Герасимов мора“, рече министерот за надворешни работи на Украина, пренесува „Униан“.
„Секој кој на еден или друг начин придонел за започнување војна против Украина и извршил злосторство агресија врз Украина, треба да одговара“, рече Кулеба.
На 17 март, Судскиот совет на Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и комесарката за правата на децата Марија Лавова-Белова. Тие се осомничени за нелегално принудно префрлање на украински деца.

