|

Кулеба: Немаме друг избор освен да победиме во војната, не даваме ниту педа за нашата земја

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба изјави дека неговата земја нема друг избор освен да победи во војната бидејќи исклучува можни отстапки за Русија кои би можеле да доведат до прекин на огнот.

Во изјава за Блумберг, Кулеба ја опиша кризата како „војна за егзистенција“ и рече дека е важно Украина сега да ги запре руските сили.

– Учествувајте во победата со нас за доброто на светот бидејќи ова не е само војна на Русија против Украина, ова е закана што Русија ја претставува за целиот свет, рече тој и додаде: „Мораме да ги запреме овде за другите да не страдаат како нас“.

– Ова е војна за нашето постоење бидејќи претседателот Путин не го признава нашиот идентитет, не го признава правото на украинската држава да постои, рече Кулеба.

– Затоа разбираме дека немаме друг избор освен да победиме во оваа војна, бидејќи тоа е војна за нашето постоење, рече Кулеба и додаде дека победата во војната ќе значи враќање на територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признаени граници.

– Немаме намера да заземеме ничие парче земја, дури ни педа, туку сакаме сè што ни припаѓа да биде наше, нагласи тој.

Министерот за надворешни работи на Украина ги отфрли потенцијалните отстапки за Русија кои би можеле да доведат до прекин на огнот во војната.

– Ова е неиспровоцирана војна. Ниту Украина, ниту Европа, ниту НАТО, ниту САД не го испровоцираа Путин да го направи тоа што го прави и затоа тој мора да сноси целосна одговорност за тоа, рече тој.

Извор: zoom.mk



Слични Објави