КУРТИ ЈА СТАВИ И МАКЕДОНИЈА ВО МАПАТА СО АЛБАНСКИ ТЕРИТОРИИ: НЕГОВАТА ПАРТИЈА ЌЕ ДЕЛУВА И КАЈ НАС

Лидерот на движењето Самоопределување и доскорешен премиер на Косово Албин Курти најави дека неговата партија наскоро ќе дејствува како политички субјект и во Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешниот собир по повод 21-годишнината од ослободувањето на Косово и 15-годишнината од основањето на ВВ, Курти изјави дека „Самоопределување ги освои срцата“ на сите Албанци во сите албански средини во регионот.

„Ние го имаме нашиот центар во Албанија, а од денеска ја покренуваме иницијативата за основање на Движење Самоопределување и во Македонија“, порача Курти на крајот од својот говор пред неколку илјади граѓани на собирот на плоштадот „Скендербег“ во центарот на Приштина.

Според доскорешниот косовски премиер, неговата партија „веќе е порасната и проширена на сите албански територии“.

„Самоопределување ќе има и во Албанија, во Македонија, во дијаспората и насекаде“, рече Курти, порачувајќи дека сета власт во Косово ќе ја има неговата партија.