|

Квебек бара меѓународна поддршка за борба против повеќе од 160 шумски пожари

Квебек бара поддршка на меѓународно ниво додека се бори со повеќе од 160 шумски пожари за време на, како што велат федералните власти, една од најлошите сезони на пожари во Канада досега, пренесува „Ал Арабија“.

Со повеќе од 480 пожарникари на терен, Квебек може да се справи со околу 30 пожари, рече вчера премиерот на Квебек, Франсоа Лего, додавајќи дека вообичаено напомош доаѓаат пожарникарите од другите провинции, но сега и таму имаат полни раце работа.

Во петокот попладне низ Канада гореа 324 пожари, а од вчера тој број се зголеми на 413, а до доцна попладне, вкупниот број повторно се зголеми на 420.

„Ситуацијата останува сериозна“, рече министерот за подготвеност за вонредни состојби Бил Блер. „Сликите што ги видовме досега оваа сезона се едни од најтешките што сме ги виделе во Канада и тековната прогноза за следните неколку месеци укажува на поголем ризик од активни пожари од нормалното“.

Во Квебек се пријавени повеќе од 160 пожари, од кои најмалку 114 се надвор од контрола. Повеќе од 173.000 хектари изгореа годинава во Квебек во зоната на пожари под интензивна заштитна – областа каде што вообичаено има најмногу активни пожари – во споредба со 10-годишниот просек од 247 хектари, соопшти Агенцијата за превенција од шумски пожари во Квебек (СОПФЕУ).

Влажното време Нова Скотија на Атлантскиот брег ѝ овозможи на таа покраина да ги ослободи канадерите и да ги испрати во Квебек, каде што изминатиот викенд се разгореа шумски пожари.

Лего рече дека дополнителни 200 пожарникари доаѓаат од Франција и од САД, а Квебек преговара и со Костарика, Португалија и Чиле додека бара дополнителни ресурси.

„Со дадените проекции, се очекува да имаме доволно ресурси за да го поминеме летото“, рече премиерот Џастин Трудо. „Ако работите се влошат, развиваме планови за вонредни ситуации“.

Пожарите принудија околу 10.000 луѓе да ги напуштат своите домови во Квебек, а повеќето од нив се во северозападниот регион Абитиби и источниот регион Кот-Норд.

 



Слични Објави