Лакмус-интерпелација: за Африм Гаши или Afrim Gashi?
Facebook статус на Никица Корубин
Секој кој има минимални познавања на политичката пракса кај нас, знае дека одлуките во нашата партократија не се носат во институциите, туку надвор од нив. Последователно на тоа, ниту интерпелацијата на претседателот на Собранието, Африм Гаши. Зошто тогаш на само три месеци после неговиот избор, следи наменскиот “театар” за негова интерпелација, после внимателно градената “претстава” за негова дискредитација?
Период прекраток, дури и за претпоставени грешки, во законски утврден 4-годишен мандат. А, ако веќе грешките се толку големи, зошто од “нападот” се поштедени сите партнери, во оваа владино-парламентарна коалиција? Па, белким тој самиот не се избра за претседател на собранието?
А, кога веќе сме кај проценување на грешките, тие се во размер и последици, многу поголеми на други стратешки теми (со минимална или никаква јавна реакција), отколку оние наведени во поднесената интерпелација, во законски празна форма и намерно демагошки провокативно-паушална и перфидно-манипулативна содржина. Зад која се сомневам, дека би застанал било кој пратеник, кој уставно треба да постапува по сопствената воља и знаење, а не да биде пасивен актер и извршител.
И да станат само дел од редицата “актери” кои интензивно месециве работат на вжештување на латентната и “неправедно” запоставена албанофобија, во повремените и силни налети на анти-бугарство и анти-хеленство. Вето нема од стратешките регионални партнери, Грција и Бугарија, и чувари на нашиот европски пат, па да се вратиме, на раат, на нашите локални чувари на европскиот пат.
Албанофобија, која согласно приликите и контекстот, овој пат се одвива на два фронта: опозициски контра ДУИ и позициски (за сега) контра Африм Гаши. Ако се направи кратко резиме на јавниот дискурс, овие неколку месеци, се чини дека “најголем проблем” кој им се наметнува на граѓаните е се’ што има предзнак “албанско”: проблематизирање на употреба на службен јазик, уставно гарантиран; примената на балансерот, која е само алатка за уставно гарантирана правична застапеност; претседателот Албанец на собранието и деструктивната и потенцијално “дестабилизирачка” албанска опозиција.
Совршена мамка и замка, за докажување на “правото” македонство, за почеток она на македонската опозиција. Која за воља на вистината не само што се фати на “мамката”, туку сесрдно и великодушно, ја креираше и “замката” во која вистински се трудат да паднат, со поддршка на оваа “глупава и незрела” интерпелација, како што би рекол премиерот.
И кога веќе ќе бидат таму “доле” на пасивната страна на јавниот дискурс, кој треба да го водат, наместо пасивно и деструктивно да го следат; не е лошо прецизно да се произнесат за почеток, дали им пречи Африм Гаши или Afrim Gashi, односно еднаквата и уставна употреба на албанскиот јазик? Дали се’ уште стојат зад Охридскиот договор?
Дали ќе ја искористат приликата да му ја дадат поддршката, пред да гласаат за негова смена, за брзи уставни измени, за кои се залага неговиот сопартиец, министерот за европски прашања, а за кои тие се залагаа до 2022 година и усвојувањето на заклучоците за преговарачката рамка? Дали ќе ги поддржат ВЛЕН во нивното залагање за итно отпочнување на преговорите со ЕУ, преку внесување на Бугарите во уставот?
Дали ќе се борат за нашиот устав и за неговиот углед со законски и уставно задолжителна употреба на целосното име на државата Република Северна Македонија? Дали ќе потсетат дека Преспанскиот договор е и договор за стратешко партнерство со Грција, толку битно во овој сложен гео-политички момент?
Можности безброј. Во само еден фингиран парламентарен ден. Од нашата фингирана реалност. Во која секој политички чинител, мора јасно да ја завземе својата улога. Без популизам и калкуланство. Со став и позиција. За секое клучно и стратешко прашање, за опстанокот и иднината на функционално општество, кое само такво може да обезбеди организиран систем за своите граѓани.
А, тоа е апсолутно невозможно без процесот на пристапување кон ЕУ. Па, ако може интерпелацијата така брзо да дојде на дневен ред, уште побрзо мора да дојдат уставните измени. За да видиме конечно, кој глуми Македонец, кој глуми Албанец, а кој глуми Европеец.

