Лекарската комора со реакција по скандалот со д-р Кузмановски: „Лекарот мора да го чува достоинството на професијата“
Лекарската комора на Македонија со внимателност и загриженост ги следи случувањата поврзани со д-р Игор Кузмановски, кој беше разрешен од функцијата директор на Клиниката за неврохирургија откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како тој меша бела прашкаста материја и зборува со асоцијации за кокаин.
Од Комората потсетуваат дека докторската професија носи посебна етичка тежина и бара високо ниво на одговорност и личен интегритет.
„Лекарот е обврзан во професионалниот и во приватниот живот да ги негува и да ги покажува личните квалитети, соодветни на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Лекарот треба да е свесен дека со секој несоодветен, лекомислен, нечесен и понижувачки акт, покрај тоа што се компромитира самиот, ги компромитира и сите други колеги“, велат од Лекарската комора.
Институцијата најави дека нејзините органи ќе го разгледаат случајот и ќе постапат во рамките на своите надлежности. Според Статутот на Комората, Судот на честа може да изрече санкции – од опомена и јавна опомена, до парична казна или времено, па дури и трајно одземање на лекарската лиценца. Обвинителот на Комората, пак, има обврска да покрене постапка доколку постои основано сомневање за повреда на Законот, Статутот или Кодексот на медицинската етика.

