| |

Лидерска средба за спас

Пишува: Никица Корубин

Ако веќе не ги слушнавте пораките на американскиот сенатор, тогаш сигурно немавте шанса да го прочитате интервјуто на холандскиот амбасадор. “Скриено” на еден до два портала, во манир на соголена дипломатија до крајни граници, говори за драматичната ситуација во која се најдовме како општество. Или поинаку кажано, говори за драматичната ситуација во која се најдоа сите носители на моќ и влијание, така убаво опишани во интервјуто кое ги натера директно и без криење да се упатат еден на друг. Во форма на лидерска средба.

Во моменти кога опозицијата тргна по патот од кој нема враќање, пат послан и олеснет со “добрите намери” на власта во разни форми, како на пример дваесет и кусур члена комисија, која со месеци се конституираше, за во рок од неколку часа да го напише “едниот амандман”; наеднаш “лидерите” ќе го договарале “европскиот пат и односите со соседите”.

Допрва. Чиниш 32 години Северна Македонија одеше по некој друг пат, па сега сваќа дека од ЕУ нема бегање и покрај сите потрошени милиони евра и долари на даночните обврзници на стратешките партнери, и сите попатни обиди за ескивирање на реформите. Бегање и глумење, обилно помогнато и промовирано од нашите традиционални про-европејци, кои од преголемата “љубов за ЕУ”, а всушност љубов за сопствените позиции стратешки распоредени во секој сегмент на општеството, се спремни во секој момент да ја закочат и замрат државата до ниво на целосна нефункционалност. Како перцепција или реалност, сеедно.

Туку, ако самоубиствената мисија на опозицијата, може, а и не мора да ја разбереме, потешка за разбирање е самоубиствената мисија на власта, која не може да се соземе од патриотскиот занес во кој е западната. Па, единствено пострашно од интервјуто на холандскиот амбасадор, на појавно ниво, во стилот “една слика илјада зборови”, беше погледот на холандскиот премиер, кој му го упати на нашиот премиер, кога го изговараше еден од најголемите дипломатски гафови во историјата на оваа земја, кога успеа да направи “сто грешки во еден чекор”, односно проблем во сто слоеви, случајно или намерно случајно, и нашиот европски сосед Бугарија, во екот на европската војна, во која патем речено токму Бугарија ја даде првичната клучна помош на Украина, да ја спореди со Русија.

Дали тоа значи дека односот со едниот сосед, на фамозната лидерска средба е “завршена работа”, а со тоа и нашата европска иднина, во догледно време? Туку, кога веќе сме кај споредби, во која како репер се зема однесувањето на Русија кон Украина, има еден совршен пример: на пример однесувањето на Србија кон Косово. Чуди и изненадува што и тој не е употребен во пакет со Бугарија, за да ја задржиме “еквидистанцата кон соседите”, не за нешто друго.

Но, ако се вратиме сериозно кон лидерската средба, кој воопшто би бил мотивот за “спасување” на лидерите и лидерството, кога пораките на меѓународната заедница се кристално јасни: без промена на уставот, директно ја загрозувате сопствена европска иднина, безбедноста на сопствената држава, а и безбедноста на регионот. За што ќе се дискутира тогаш, колку сме загрозени или како загрозеноста да ја пролонгираме уште некој месец, година, во недоглед?

Чекаме ли нешто да се случи, залепени до ѕидот до кој се доведовме, по можност нешто драматично, за да не мора да се занимаваме самите со себе, па да мораат повторно другите да се занимаваат со нас? Фикција ли некоја чекаме, “нова Југославија”, Порфириј ли го чекаме наместо Вартолемеј, и не мора веќе криење, соголено е се’ до крај?

А, највеќе е соголена вистинската желба и намера за ЕУ, нормална и функционална држава и независна држава Северна Македонија, на сите кои имаат допир до било каква форма на моќ и влијание. Единствено посоголени се оние кои мораат да глумат. Дека се’ уште се на иста линија со граѓаните, кои исто така се мета на “хибридни” анкети, константно казнувани за својот про-европски став. А, јазот несовладлив и конечен. Кој ќе го премости е главното прашање, а не кој ќе го продлабочи. Претставата привршува, а исходот (не)извесен.

Слични Објави