МАКЕДОНИЈА ГИ ЧЕКА ПРОТИВНИЦИТЕ ЗА ЛИГА НА НАЦИИ – ДОЈДЕ ЛИ ВРЕМЕ ЗА ДУЕЛ СО ГРЦИЈА?

/

Ако во сите тимски спортови особено од големите, Македонија играла против јужниот сосед Грција и тоа во периоди на сериозна затегнатост на односите поради прашањето за името, дојде ли момент и за фудбалска пресметка на сениорско ниво, во пресрет на денешната ждрепка од 18 часот во Амстердам за второто издание на Лигата на нации.

Македонија ја чека ждрепката за Ц-дивизијата за кој пласман се избори со првото место во Д-сегментот од минатото издание кое ни донесе историска шанса преку баражи за пласман на Евро 2020, иако после реформите по една сезона дури и послаб пласман ќе нè истуркаше во ранг погоре. На ждрепката црвено-жолтите влегуваат како втори носители, па од групата на „фаворити“ од првиот барабан нè чекаат два жешки ривали и тоа најмногу од политички аспект – прв двомеч со Грците или пресметка со Албанија. Црна Гора и Грузија се другите два евентуални противници.

Косово, со кое играме во историско полуфинале од плејофот закажано за 26 март во Скопје, Белорусија и Кипар се селекциите со кои не може да се паднеме, зашто сме во ист барабан, а од третиот по рејтинг нè чекаат Естонија, Словенија, Литванија и Луксембург. Во последниот се Ерменија, Азербејџан, Казахстан и Молдавија.

Кога ќе се погледне кој сè ни е противник, Македонија на ждрепката може да добие и екстра лесна група, но и сериозно тешка, иако многу поголеми се шансите во вакво друштво да се избориме и за пласман во Б-дивизијата, отколку да испаднеме, зашто според реформите, не испаѓаат сите последнопласирани, туку во бараж двомечи во март 2022 двете поразени селекции ќе играат во Д-дивизијата.

Ако се обидеме да проектираме најлесна и најтешка група, секако најлесна би била да ја добиеме Црна Гора од првиот барабан, зашто Црногорците во последно време се далеку под нивото, иако имаат доста солидна селекција, Естонија би била најпосакуван ривал, поради сериозно слабиот квалитет на оваа балтичка земја, како и Молдавија од четвртиот, особено што овие две бивши советски републики во изминативе години низ квалификациите, а и во Лигата на нации покажаа дека се само „топовско месо“ и за просечни селекции, не пак за големи репрезентации.

Од друга страна, Македонија може да добие сериозно тешка група, ако ждрепката посака да се најдеме во истата со Грција или Албанија од првиот барабан, со Словенија или многу незгодниот Луксембург од третиот и со некоја од кавкаските држави, Ерменија или Азербејџан, на чии гостувања многу тешко сме поминувале низ историјата, а сè уште добро го паметиме поразот во Ереван од последното гостување во првата сезона во ова натпреварување.

УЕФА после една сезона, лани ја реформираше Лигата на нации, па А-дивизијата ја направи со 16 селекции наместо првичните 12, за да спречи испаѓање во Б-дивизија на селекции како Германија, па така испаднатите од Б-дивизијата останаа членки на втората по ранг, додека Ц-дивизијата се пополни до 16 учесници со пола селекции од Д-дивизијата. Најслабиот сегмент така остана на само седум „пациенти“, кои ќе играат во четири групи (три со четири и една со три селекции), а првите две ќе обезбедат пласман ранг погоре, додека најслабите две од баражи за опстанок од Ц-дивизијата за идното натпреварување ќе одат во најслабата лига.

УЕФА објави дека две најдобри селекции по учинок (најдобрите два победници на групи според вкупниот ранкинг за Лига на нации), кои нема да обезбедат мундијалска виза или бараж за пласман на СП 2022, ќе ја пополнат бројката за плеј-оф пресметки за дополнителните места на најголемиот фудбалски фестивал и така на втората сезона во ова натпреварување ќе и дадат дополнителен шмек, покрај финансискиот бонус за настап и пласман.



ЛИГА НА НАЦИИ, Ц-ДИВИЗИЈА
ПРВ БАРАБАН: Грција, Албанија, Црна Гора, Грузија
ВТОР БАРАБАН: МАКЕДОНИЈА, Косово, Белорусија, Кипар
ТРЕТ БАРАБАН: Естонија, Словенија, Литванија, Луксембург
ЧЕТВРТИ БАРАБАН: Ерменија, Азербејџан, Казахстан, Молдавија

НАЈЛЕСНА ГРУПА
Црна Гора
МАКЕДОНИЈА
Естонија
Молдавија

НАЈТЕШКА ГРУПА
Грција/Албанија
МАКЕДОНИЈА
Словенија/Луксембург
Ерменија/Азербејџан

ТЕРМИНИ ЗА МЕЧЕВИ
ПРВО КОЛО – 3 до 5 септември 2020
ВТОРО КОЛО – 6 до 8 септември 2020
ТРЕТО КОЛО – 8 до 10 октомври 2020
ЧЕТВРТО КОЛО – 11 до 13 октомври 2020
ПЕТТО КОЛО – 12 до 14 ноември 2020
ШЕСТО КОЛО – 15 до 17 ноември 2020
ФИНАЛЕ (четири победници од А-дивизија) – 2, 3 и 6 јуни 2021
БАРАЖИ ЗА ОПСТАНОК – 24/25 и 28/29 март 2022

Извор: Спорт1



Претходна статија

СВЕДОК ПО СКАЈП ОД ГЕРМАНИЈА: АЛИМИ И ГУРИ ЗЕМАА ЗАПИСНИЦИ ОД ГЛАСАЊЕТО ВО ЧАИР

Следна статија

ВМРО-ДПМНЕ: ДЕНЕСКА ЗОРАН ЗАЕВ ЌЕ ГИ ЗАДОЛЖИ ГРАЃАНИТЕ ЗА 131,6 МИЛИОНИ ЕВРА

Најново од Вести