МАКЕДОНИЈА ГОРИ, ЕФТОВ СИ ЧЕШЛА ЗАГОВОРИ ПРОТИВ ВУЧИЌ

Истакнато Краток спој Позиција

Синоќа мојот драг колега Огнен Јанески објави видео од пожарот кај Петровец, јас добив фотографии од истиот пожар, причина за него се запалени стрништа. Одговорност нема, ама имало една пожарна команда, којашто се борела со огнот. Денеска околу овој пожар и пожарот во Делчевско се информира суво. Ништо страшно не се случило, некакви селендри го предизвикале пожарот, оти оган како што може да исчисти, ништо друго не може.

Дали ќе бидат пронајдени одговорните не знам, а да ви кажам искрено и не верувам. Во целата таа лудница, пожарникарите смируваат дека пожарите од таков тип не се опасни бидејќи гори сува трска. Што друго им останува на овие храбри луѓе, освен да не смируваат нас молчеливите? Ништо!!! Работат за скромни плати, со техника од времето на Тито и успеваат да си ја вршат работата професионално. За нивната ситуација не видов некое поголемо потресување во јавноста, ама кога се работи за теориите на заговор родени во главата на Васко Ефтов, за наводната ангажираност на Заев во идното симнување од власт на српскиот претседател Вучиќ, социјалните мрежи „горат“.

Како смее Заев да се меша во српските работи? Јас би прашал друго, како смее Заев да толерира таков неодговорен однос кон вработените во противпожарните команди ширум Македонија. Сега тој е на власт, на негово конто идат сите негативи, па нема да е лошо да им ги истегне ушите на надлежните. Ќе речете дека не му е работа да го прави тоа, ама јас ќе ви речам, кога е толку моќен да обезбеди 2/3 мнозинство за промена на Устав, може и да изменаџира подобрување во статусот на пожарникарите. Ќе распореди да се скратат малце парите за иновации и за лубриканти, ќе скрати и од парите за фотелји од телешка кожа и ете ви нови пожарникарски коли и опрема за пожарникарите. Ајде за тоа да го запалиме нетот, а не за тоа што Вучиќ ќе биде симнат од власт со помош на нашиот премиер.

Автор: Атанас Величков-Батко Тане