МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ЕВРОПА И БУГАРИЈА

Денот понеделник, 30 септември 2019 година ќе биде нешто како синорен камен во взаемните односи меѓу Бугарија и Македонија, гледани во светлината на новото време, во времето на постоењето на добропознатиот и општоизвиканиот Договор за добрососедство. Имено, на тој ден кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев ќе одржи средба со бугарскиот дел од Комисијата за добрососедство, од каде се очекува Радев да побара „црвено светло” за минувањето на Македонија кон преговори со Европската Унија, т.е некакво вето за давање датум за преговори. Додека го пишувам овој текст, во недела попладне, бугарските медии се полни со мислења и полемики за намерата на бугарскиот претседател, а со свои размисли за рестриктивен став по прашањето, се пројави и вицепремиерот Красимир Каракачанов, кој дејствуваше со ставови и позиции кои одамна требало да ги примени бугарската држава во односите со Македонија. За да нема забуни, да бидеме на јасно, лично мене бугарскиот председател заедно со неговата екипа (Илијана Јотова и сие)не ми се симпатични, но затоа јас, пак, не сум му симпатичен на Красимир Каракачанов, така што, во некоја рака „сме изедначени”.

Во Македонија, нормално, сега за сега се е мирно. Македонците се обземени од еуфорија создадена со решението на Бундестагот за отворање на преговорите со Македонија, а со омаловажување гледаат на бугарските полемики… како и обично се надеваат дека некој ќе им „свирне” на Бугарите и тие ќе заиграат на нарачаното оро.
Веќе сто години Бугарија води млитава, малодушна и предавничка политика кон Југославија/Србија/Македонија и кон сопствениот народ, народот кој себеси се препознава во бугарскиот национален идентитет во Македонија. Некои бугарски политичари целосно се откажале од својот народ во Македонија и го оставиле на милост и немилост на српските и грчките насилници, за врз него да спроведуваат безмилосна денационализација. Некои, како Александар Стамболиски, предавството го платија и со главата, но штетите направени од тоа предавство и крвта на паднатите жртви, како загуба се ненадоместиви. За Бугарија под комунистичка власт и советска окупација не треба ни да се трошат зборови, политичката креатура на НКВД, Тодор Живков беше направо комична персона во стенографираните разговори меѓу југословенската и бугарската делегација, водени во неколку наврати, разговори за „македонското прашање”. Додека бугарските политичари се братимеа со „братушките”, во казаматите на титовата Југославија, во каменоломот во Добој и на други места, беа тормозени и гниеја македоно-бугарските патриоти. И албанските патриоти не доживеаја подобра судбина со „космополитот” Енвер Хоџа, ама таа работа тие веќе многу успешно, меѓу себе, си ја расчистуваат.

Патувањето на Македонија кон Европската Унија треба да биде пат на своевидно „прочистување” од сопствените заблуди, но и признание и чествување кон жртвите кои ги дал македонскиот народ во име на својата национална слобода. Партизаните, како борци против фашизмот, си добија свои споменици, признанија, а бога ми и добри финансиски надоместоци. Груевски ги „ревитализира” античните споменици и изгради изобилие нови, се во името на новиот „национален антички инженеринг”. Сега останува најмногубројните жртви на српската националистичка политика и југословенскиот квазикомунистички систем, македонските бугари, да добијат свои признанија. Да се направи споменик во селото Гавран на стреланите селани и нивните деца од страна на српскиот жупан Добрица Матковиќ, да се направи спомен плоча пред затворот во „Идризово” во чест на затворените вмровци од бугарска провиниенција. Македонските Бугари како затвореници, во најтешки услови го градеа „крвавиот пат” од Ресен до Отешево и патот преку Галичица. Десетина илјади од нив таму ги оставија животите како резултат од нечовечките услови на кои беа подложени, засилени со теророт на УДБ-а. Денес туристите (и бугарските!) тука поминуваат и се восхитуваат на глетката, не знаејки дека газат по коските и крвта на безимените македонски Бугари, закопани во поединечни или масовни безимени и без назнаки гробови, а најчесто фрлани во Преспанското езеро како храна на рибите.
Македонија е одамна, од 1918 година во „центрифугата на хаосот и безвремието”. Македонците не помнат кога на Бугарија и бугарскиот народ се гледало како на еднокрвни браќа, или како на себе равни. Помирливиот бугарски став во однос на Македонија е само потврда и одобрување на злочинечката српска и руска политика кон македонскиот народ, тоа е виза за нови насилија на Белград и Москва кон Македонците. Македонската политика, македонските историчари, па и поголемиот дел од македонскиот народ треба да се „сретнат со историјата” а тоа е возможно само со цврсти и јасни бугарски позиции. Бугарија нема да биде никогаш почитувана во очите на Македонците и Србите ако дозволи Гоце Делчев, макар и номинално да има и капка македонска национална идентичност, слична на онаа која ја имаме современите, сегашни Македонци. Тоа е бласфемично, не само за Гоце, ами и за сите други Македонци, херои во борбата за слобода и просвета на бугарското племе во Македонија. Некој сака да се заборават и се избришат и заслугите на оние Македонци, кои како офицери и војници, учители, свештеници и обични граѓани учествувале во војните за слобода на македонските Бугари. Некој сака да бидат заборавени жртвите и пролеаната крв на македонските патриоти во борбите за бугарската идеја во Македонија. Ние сме неразделив сегмент од потенцијалите на бугарското офицерство низ историјата (а и сега), ние сме сегмент од бугарската интелектуална елита во последниве 150 години и тоа треба да биде почитувано. Македонските Бугари не сакаат да патуваат во Европската Унија како предавници на својот – македонскиот народ, како што тоа го вели српско-комунистичката пропаганда во последниве сто години, туку како елемент единствено заслужен за демократскиот напредок ма Македонија.

Подли се размислите и подметнувањата во решавањето на проблемите од македонско-бугарскиот Договор, со посочување на проблемите на бугарите од Западните покраини. Тоа се две различни позиции на население во Југославија, едните, од Западните покраини признати како такви, а другите, од Македонија непризнати и „превоспитувани” со насилни методи. Тука нема знак на еднаквост, па нема нито еднаков приод.
За Македонија да излезе од „ценртифугата на хаосот и безвремието”, бугарската држава треба достоинствено да се држи и опстојува на своите национални, револуционерни и црковни традиции во Македонија. Треба да одаде признание на паднатите во борбите за слобода, како пред 1944 година, уште повеќе по 1944 година, на оние кои никогаш не се откажаа од својата бугарска националност. На нивните потомци во Македонија да им обезбеди барем малку внимание и почит, безразлично на какви позиции се наоѓаат. На младите да им обезбеди факултети, стипендии, бугарски пасоши и документи, што навистина треба да се признае, сега се прави сосема успешно, И тоа е добро, тоа е своевидно признание, без разлика на тоа колку од Македонците навистина се благодарни. Во вистинската борба за слобода и човечка иднина, признанијата секогаш доаѓаат многу, многу покасно…

Автор: Владимир Перев