ПОПОВА: СЛУЧАЈОТ СО ГРАДСКАТА КУЌА ОТВОРА СОМНЕЖ ЗА КРИМИНАЛИ НА ШИЛЕГОВ

Петре Шилегов треба да биде градоначалник на сите скопјани, но со објаснувањето дека градската куќа била фрлена на страна и затоа ја продава, изврши поделба и навреда на граѓаните, делејќи ги на ониe кои се близу центарот и сите останати, изјави денеска Ирена Попова, советник во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Зградата е одалечена само стотина метри од Владата на Република Македонија и 400 метри од плоштадот ‘Македонија’, што значи дека проблемот не е далечината туку тоа што Шилегов е фрлен на сомнеж за провизии и криминал“, истакна Попова.

Таа јавно запраша дали е точно дека новиот купувач на градската куќа се знае однапред.

„Времето ќе покаже дали се вистина тврдењата дека Шилегов има направено бонбона бизнис со странска компанија. Зошто Шилегов новиот купувач освен градска куќа по багателна цена ќе го чести со гратис државно земјиште и нула денари комуналии“, запраша претставничката на ВМРО-ДПМНЕ, додавејќи дека Шилегов веќе дополнително инвестирал 3 милиони евра за финализирање на градската куќа, за која сега вели дека е промашен проект.

Извор: Макфакс