РЕКЕТ 3

Замајувајќи ја јавноста со дивоградбите и со УНЕСКО, успешно се спроведе Рекетот под реден број и самиот не знам кој, чинам оваа нус појава зазеде силен замав и како на бегање да се земе што може, нели да не си одат празни.

                Така умешно се занемари големиот проект на локалната во спрега со централната власт, што дури и неприметно остана сѐ до влегувањето на антикорупциска и нејзиното активирање. Реално и проблемите во градот се преголеми што не би знаел човек на што попрво да насочи, но очигледното премолчување и додатно калкулирање успеа да ги сокрие овие се почести маневри на „културниот“ рекет, нели и во споредба со предходниве ова е ситнурија.

                Имено во месец јуни истече правото на стопанисување со плажите на старите сопственици или концесионерите, кои веќе се без документација за легално стопанисување. Тоа автоматски ги става на листата за наплата на црно и стопанисување на нелегален начин. Но дали е тоа со одобрение? Па секако дека е! Дали општината и инспекторите имаат увид во целава приказна? Па кој друг би имал, ако немаат тие? За да биде апсурдот поголем цифрите за потенцијалните концесии одат некаде до 500-600 илјади евра, но реално тоа е ситница за оваа власт. Но, големото прашање е кој има добивка од овие пропаднати концесии? Кој е главниот играч на оваа маса? Градоначалникот! Како и да ги завртиме коцките, како и да ги погледнеме картите сето тоа оди во еден правец, но ајде да оставиме антикорупциска и институциите да си ја завршат работата, иако не верувам во тие лавиринти.

                За нештата да станат поинтересни со плажите раководат предходните концесионери и истите ги издаваат за 4-5 пати поголема цена. Дали е тоа тајна? Никако! Тоа е јасно како бел ден. Но, проблемот воглавно е кој го дозволува тоа и кој има корист? И повторно одиме во едносмерна улица, која нè води во се поизвесен правец. По чиста логика и математика таа предходна сума од пола милион со дополнителното прераздавање, би достигнала многу поголеми бројки, за да може овој рекет да биде под број 3. Нели веќе кога достигнува 2 милиончиња загарантиран му е бронзениот медал. Чисто колку да се долови ситуацијата еве еден пример; еден шанк во Лагадин чини околу 2000 евра, а истиот тој се преиздава за 7-8000 евра, но замислете која цена ја достигнуваат поинтересните дестинации. Ова не е претпоставка или приказна, ова е реалност и неизбежна вистина.

                Најтрагичниот дел е тоа што, општина Охрид е оштетена за голема сума, државата е оштетена за уште поголема сума а граѓаните се најоштетените во целата ситуација. Накратко пари нема, данок не платил никој, но важното е тоа што граѓаните плаќаат 150 денари лежалка и 150 денари паркинг и… други ситници.

Министерот Сугаревски ќе пушташе се почести контроли, па чисто да прашам каде ги пуштил? Зошто молчи Сугаревски? Каков е неговиот удел во целата зделка? И кого заштитува? Впрочем и владата заедно со Заев ќе ги одземаше ингеренциите за плажите, но зафатени се со датумот за преговори или покоректно би било да се каже после датумот ќе се пренасочат. Така вешто го сокрија ова стопанисување, чиниш за тезга се работи во зелено пазарче.

                И за крај: Зошто градоначалникот баш сега се осмели да проговори? Зошто по завршувањето на сезоната? Зошто по влегувањето на Антикорупциска? Каде беше додека се переа и рекетираа пари? Што правеа инспекторите? Што правеше државата? Кој наплаќаше за „дозволи“? Кај кого заврши паушалот? И кој колку зеде? Тешко дека ќе дојдеме до вистината, а уште потешко дека некој ќе одговара. Како што би рекол градоначалникот заради „заврзани раце“. Но џебовите изгледа биле бајаги отворени.

П.С. И ова ли е масло на Грујо? Дали и Грујо потајно бил инволвиран? И дали Грујо ја саботирал општината и му ги заврзал рацете на градоначалникот? Тоа се трите главни прашања, на кои портпаролчето на СДСМ Констадин Костадинов треба да обрне внимание.

Автор: Даниел Јорданоски, претседател на ГДУ-Охрид