| |

МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ ИЛИ ЕУ ВО МАКЕДОНИЈА ИЛИ…

Чувствувам грижа на совест поради тоа што сум ја исполнувал својата граѓанска должност и сум гласал за да ги тргнеме „гробарите на стопанството”, па непростливите грешки на другите, па „чистите раце”, подобрата иднина за таква-онаква Македонија, па се рушеше режим и… кругот затворен, а актерите упорно истите. Проневерените пари на граѓаните си останаа таму каде што се, одговорност нема потреба да сноси никој и сите среќни и весели. Има мала олеснителна околност што можеби нашите гласови и не беа важни со оглед на тоа како беа организирани изборите и во кого беше „стапот”…

Последната надеж беше дека ќе има некој кој ќе ја поткрене рачната и нема да се пее старата песна, но таа се пее се погласно и погласно. Се прашувам дали европскиот сон е реалност за нашите политичари или добро одиграна театарска претстава па имаме толку голем напредок во судството, образованието, здравството… За човековите права да не разговараме кога најобични министри, вицепремиери, пратеници, советници и нивните фирми не можат да скубнат некое евро од државните пари или какво-такво тендерче. И не само што кубат туку и просперираат со државните привилегии како и нивните подмладоци по системот „наше дете”.

Има и такви кои сепак успеаа да се протнат, а во минатото беа замешани во афери со распределба на европските пари кои беа доделени од истата таа Европска Унија кон која се „стремат” нашите политичари.
Ако не им звучат привлечно предлозите за намалување на бројот на пратеници, една изборна единица и отворени листи, намалување на патните трошоци и сл. покрај другите тендери нека распишат и еден меѓународен тендер за увоз на влада (со најдлабоко извинување кон оние малкуте кои останаа со чесни намери да работат за доброто на својата татковина).

Наша цел е Европската Унија да биде внатрешна а не надворешна политика на Р. Македонија, да се имплементираат европските вредности наместо навиките од едно време кои секојдневно ги гледаме. Доволно ги гледавме и реформите на една рака фосилни политичари кои си ги менуваат местата и самите себеси се реформираат. Да се надеваме дека ќе вратиме еден добар дел од младата интелегенција која успешно ја протеравте низ светот со вашите „успешни политики”, па да можат да придонесат за напредокот на Р. Македонија и свој достоинствен живот.

Автор: Благојче Трајковски, Член на УК на ГДУ

Слични Објави