МАКЕДОНСКАТА КНИЖЕВНОСТ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ САЕМ ВО ТИРАНА, РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА

Министерството за култура информира дека од 21 до 24 ноември, авторите од Република Македонија и нивното книжевно творештво се презентираат на Интернационалниот саем во Тирана, Република Албанија.

Оваа саемска манифестација, која постои веќе 25 години, ужива репутација на еден од најзначајните настани во Република Албанија на кој редовно се претставуваат повеќе од 380 субјекти, меѓу кои и издавачки куќи од регионот. Саемот во Тирана отвора многу можности за интензивна соработка на издавачкиот сектор од Република Албанија со колегите од регионот, но поважно е што една од мисиите на оваа манифестација е да ги анимира читателите и да ги зголеми нивниот интерес и сознанија за литературата и книжевноста воопшто.

Ова е прво поголемо претставување на Република Македонија на оваа саемска манифестација во чии рамки денеска (23 ноември) е предвиден и национален ден. На овој настан ќе присуствуваат неколку автори од Република Македонија кои ќе имаат можност да остварат повеќе средби со претставници на издавачки куќи и со автори од Република Албанија, а на присутните гости ќе им се обрати и државниот секретар во Министерството за култура Валмир Азири. Во изложбениот простор што го обезбеди Министерството за култура за претставувањето на нашата држава ќе биде изложена богатата продукција на издавачките куќи од Република Македонија, како и капитални едиции, а ќе биде промовиран и Конкурсот за превод на репрезентативни дела од македонската книжевност на други странски јазици.

По претставувањето на Саемот во Тирана, во периодот од 29.11.2018 до 6.12.2018 година Република Македонија ќе биде земја во фокусот на Меѓународниот саем на книгата во Пула, Република Хрватска.

Слични Објави