|

Македонските Бугари и Европа- бескрајната потрага по слободата! (5)

Бр. 5 ИНТЕРВЈУ СО ИВАН МИХАЈЛОВ „ОСЛОБОДИТЕЛНАТА БОРБА НА МАКЕДОНИЈА. РАЗГОВОР СО ВОДАЧОТ НА ВМРО, ИВАН МИХАЈЛОВ“

Февруари 1930 година

Под овој наслов весникот „Пестер Лојд“, од 15 февруари оваа година, објави следна дописка:

Благодарение на помошта што ми ја дадоа моите македонски пријатели, успеав да се сретнам со Иван Михајлов, по едно долго и монотоно патување низ планините и падините на Македонија, покриени со волшебна снежна покривка. По години е млад. Неговиот мускулест изглед остава силен впечаток на прв поглед. Младиот водач, во разговорот, покажува голема интелигенција и образованост, со длабоки познавања и начитаност за темите кои го интересираат. Иако заморот од постојаната работа оставил трага на неговото бело лице, идеалот што го носи во срцето — ослободувањето на неговата Татковина — му дава физичка сила, силен и непоколеблив карактер и несломлив дух.

Со љубезна насмевка на лицето ги очекуваше моите прашања, одговарајќи подготвено и излагајќи ги своите ставови со чудесна јасност.


ПРАШАЊЕ 1:

Вашето гледиште за административната реорганизација на Југославија во така наречените бановини?

Михајлов одговори:

Ние сме од спротивно мислење. Воопшто, ние ги отфрламе сите планови и намери на белградската диктатура. Новото административно уредување има за цел преку насилство и терор да се скрши секоја отпорност на несрпските елементи и да се уништат нивните стремежи кон политичка независност; да се направат безволни за полесно да бидат посрбени, со што би се остварил идеалот за голема Србија.
Оваа реформа води кон пансрпска хегемонија. Но Белград со тоа нема да постигне никаков успех. Народите што ги угнетува одамна се национално оформени. Тие имаат своја историја и традиција, кои не може да се избришат со диктаторски укази и административни прегрупирања.
Според оваа реформа, со создавањето на „Вардарска бановина“ беа споени делови од Стара Србија и Македонија, без да се земат предвид етнографските и географските особености. Целта е да се избрише името на историската област Македонија и да се уништат националностите што живеат таму. Но дали вештачките граници ќе ги спречат Македонците да се чувствуваат како Македонци? Дали тие ќе ги спасат од срамот и страдањата на ова ново, одвратно ропство? Разочарувањето ќе дојде бргу — бидејќи и самите влијателни српски кругови денес бараат враќање на граѓанските и политичките слободи.


ПРАШАЊЕ 2:

Кои се методите на борба на ВМРО против српското и грчкото владеење во Македонија? Кога организацијата би се откажала од конспиративното дејствување?

Михајлов рече:

Тие методи остануваат исти како и пред десет години, кога Тодор Александров го подигна оружјето по новата поделба на Македонија. Често се зборува дека Европа денес не може да прифати револуционерни методи, како некогаш. Но тие што така зборуваат забораваат дека првата и најважна задача на поробената Македонија е да се бори за својот опстанок.
Во борбата против српскиот и грчкиот империјализам нема избор на методи. Македонија ги загуби своите цркви, училишта и културни установи. Населението нема друго средство за отпор. Секое изразување на национално чувство, дури и во најневина форма, се казнува со прогонства, тепање и убиства.
Затоа народот мора да прибегне кон единствените средства што му стојат на располагање — револуционерните. Така постапувале сите народи што се бореле за своето постоење. Народ загрозен во своето битие нема време да избира методи. Му останува само борбата.
ВМРО ќе се откаже од револуционерната тактика само тогаш, кога потиснувачите ќе се откажат од своите обиди за асимилација и ќе создадат услови за мирно ослободување.


ПРАШАЊЕ 3:

Кој е ставот на ВМРО кон борбата во Хрватска?

Михајлов одговори:

Уште при создавањето на Кралството СХС, водачите на организацијата беа уверени дека односите меѓу хрватите и белградските хегемонисти неизбежно ќе доведат до сегашната состојба. Десет години поминаа во сомнеж и очекувања, во обид борбата да се води со легални средства. Хрватите се надеваа дека разумот ќе преовлада во Белград и дека ќе престане асимилацијата и уништувањето на несрпските народи.
Но убиството на Стјепан Радиќ и неговите другари, и обидот Белград да ја уништи цела Хрватска, ја принуди хрватската нација да започне борба за самоодбрана. Не можеше да биде поинаку кај народ со илјадагодишна историја и повисока култура од белградската.
Цела Хрватска денес е во отпор против белградската тиранија. Тоа предизвикува радост кај сите поробени народи во Југославија, особено кај нас Македонците. Со секој нов борец против тиранијата, ние правиме чекор напред кон нејзиниот крај. Македонците отсекогаш имале љубов кон братскиот хрватски народ, а таа љубов денес е уште посилна, бидејќи сме сојузници во борбата против заедничкиот непријател.
Денес Македонци и Хрвати се борат рамо до рамо против Белград. Тоа е факт што треба да го поздрават сите пријатели на мирот и просперитетот на народите.


ПРАШАЊЕ 4:

Што мислите за чекорите што ги преземаат македонските политичари во Женева?

Михајлов одговори:

Ние, Македонците, треба да се радуваме на нивниот успех, бидејќи тоа може да донесе само поволни последици за македонското движење. Потиснувачите тврдеа дека секоја акција на ВМРО или на емиграцијата нема врска со македонското население, дека тоа е задоволно од српското и грчкото владеење.
Нашите непријатели дури тврдат дека во Македонија не живеат никакви Бугари и затоа нема потреба да се применуваат одредбите за заштита на малцинствата. Тоа тврдење е апсурдно и целосно спротивно на историјата, воспитувањето и стремежите на нашиот народ.
Денес гледаме дека тројца Македонци, мирни граѓани, заминуваат во Женева по легален пат за да ги изнесат барањата на македонското население и да бараат примена на правата што му припаѓаат. Тие потврдуваат дека се целосно согласни со петициите и желбите на нивните браќа во емиграција. Тоа е најсилното опровргнување на лагите на нашите непријатели.
Останува да видиме дали Друштвото на народите ќе го сослуша овој мирољубив повик од срцето на Македонија и дали ќе го исполни својот долг кон поробениот народ.
Како и да биде, ние нема да ја изгубиме верата во поддршката на демократските држави, кои сè повеќе ја разбираат нашата света кауза – автономијата на Македонија, што е и конечната цел на ВМРО.
Ние се потпираме на организираните сили на нашиот народ, на борбените кадри групирани во револуционерната организација, кои се решени да ја продолжат борбата сè додека не се оствари нашиот национален идеал.


Потоа Михајлов со големо возбудување зборуваше за страдањата на својот народ под новото ропство, за долгите и тешки борби против турското иго и за големото разочарување по Нојскиот договор, кој ги отфрли дури и најелементарните права и го погази принципот на самоопределување. Тој повторно нагласи дека Македонците се решени да поднесат сите жртви за ослободување на својата татковина.

Во полумрачната светлина на една гасна ламба, во самотијата на високите планини на Македонија — тие неми сведоци на македонската револуција — разговаравме за многу други прашања за односите меѓу балканските влади и за состојбата создадена по мировните договори. За мене беше навистина голема чест што можев да имам долга и искрена беседа со врховниот водач на македонската револуционерна организација, која успеа да се пројави како „држава во држава“ во поделена Македонија.

Долго време по разделбата со Иван Михајлов, додека се враќав низ заснежените високи планини, во моите уши одекнуваа храбрите и решителни зборови на младиот народен водач — синот на поробена Македонија, борецот за нејзината слобода и независност.

Објавено во весник „Револуционерен лист“, година VI, број 112, 1 март 1930 година, стр. 3–5.



Слични Објави