Македонските Бугари најмногу ѝ се радуваат на македонската независност

/

Пишува: Маузер

8 септември 2021 година. Денеска славиме 30 години од прогласувањето на независност на Република Македонија, денес позната и како Северна Македонија. Ако сакам да сум попрецизен, ќе кажам дека тогаш само се случи референдумот за независност, а ако сакам да сум безобразен би рекол дека Македонија се осамостои само „на божемски“ со оглед на референдумското прашање. И навистина, референдумското прашање беше „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. Тоа прашање реално е многу паметно формулирано бидејќи јасно ги отсликало желбите на Македонците и реалностите во кои што се наоѓале. Од една страна не сакаат незавиност во мнозинскиот дел, но од друга јасно им е дека барем во тој момент Југославија каква што беше веќе ја нема и подобро е да се напушти бродот што тоне,но секако со опција да се качи на нов брод штом истиот биде готов (Мини Шенген можеби, или „Српскиот свет“?).

Со тек на времето, референдумот се брендираше како остварување на „вековната желба на генерации Македонци“. Приказнa за генерации и генерации Македонци кои 1000 години (или 2000 во зависност од кој камп припаѓате во врска со антиката), чекаа и конечно случајно на 8ми септември 1991 ја добија шансата за своја држава во пркос на сите околу нејзе, кои беа против (најмногу Бугарите секако). Конечно сонот се оствари само со заокружување со пенкалце.
Убава приказна и навистина, една независна држава Македонија со доминантен словенски елемент беше сон и желба на генерации Македонци. Само кои беа тие Македонци и дали навистина се оствари нивниот сон? Тука секако мислам на борбата на македонските Бугари која што во периодот по Првата светска војна се води за независност на Македонија како начин да се зачува бугарскиот елемент од асимилација и протерувања. Таа борба на македонските Бугари за независна држава е голем напредок во однос на нејасните барања на Внатрешната Македоно-Одринската организација од 1893 г. за некаква автономија на Македонија и Одринско. Автономија која може, но и не мора да ја биде, која за некои треба да води кон Балканска федерација, а за други кон спојување со Бугарија. Во секој случај и тоа е борба за некаква форма на државност и комотно можеме да кажеме дека идејата за македонска државност, дали во некоја поголема федерација или во целост независна република е чисто бугарска идеја и проект. Автентична идеја за држава Македонија никој друг нема промовирано, па дури ниту србоманските кукавички јајца во форма на прото-македонистите од клубот на „Србо-Македонци“кои бараа само посебен македонски етникум кој треба со тек на времето да се асимилира во српски.

Поради таа причина и историската генеза на таа идеја, многу македонски Бугари денеска слават. И тоа слават повеќе од сите други Македонци иако од страна на генералната јавност се перцепирани како предавници и најголеми непријатели. За жал мислам, дека имаат малку што да слават бидејќи денешната македонска држава воопшто нема никаква врска со таа, која што ја предлагаше Иван Михајлов освен можеби во името. А и тоа во последните години се смени. Оваа држава опфаќа само помал дел од тоа што го замисли ВМРО како држава Македонија, има главен град кој никоваш не бил планиран да биде и настана како последица на распаѓањето на Југославенската федерација. Денешната Република Северна Македонија е наследничка во секоја можна смисла на зборот на Социјалистичката република Македонија која што го сотре, или барем се обиде, бугарскиот елемент и ВМРО. Иронично зарем не, денес водат македонска држава наследниците на тие што ги убија и пробаа да ги сотрат тие што први се бореа за нејзе и притоа направија се во нивна моќ да не дојде до независна Македонија.



Ова дефинитивно не е Македонијата што ја замислуваа генерации револуционери, но е најдобрата во моментов што можеме да ја добиеме и поради тоа сепак можеби треба да ја славиме, но и да бидеме свесни дека пред нас постои многу работа да ја подобриме и да го оствариме идеалот на нашите претци. Денес нашта работа како македонски Бугари треба да се сведе на тоа да ја направиме Македонија навистина независна, Македонија која што е во целост свесна за својата историја и ја прифаќа ненашминкана и го познава своето минато. Не треба да се стремиме од Македонците да правиме Бугари и тоа никако не треба да ни е цел, но треба да се бориме да се зачува паметта и наследството на Делчев, Груев, Прличев, Шапкарев, Партениј, Тодор Александров и другите какви што биле – македонски Бугари. Треба да се бориме за Македонија која што ќе биде мултиетничка држава каде што секој ќе биде слободен да биде тоа што е, да имаме држава која што ќе биде „Швајцарија на Балканите“. Со тоа Македонија ќе биде и држава наследник на вековната борба за нејзиното создавање, а не како денес само чист продукт на случајноста и политичкиот прагматизам на југословенските Македонци.

Прв чекор кон тоа ќе биде нашето декларирање како Бугари на пописот што е во тек. Не може да бараме Македонија да ги памти и цени Тодор Александров, Гоце Делчев, Даме Груев и Ванчо Михајлов ако нас не нема никаде и бидеме сведени на погрдните називи „бугараши“ и „бугарофили“. Се додека не има толку колку да направиме една поголема свадба ќе бидеме предмет на исмевање иако самите сме свесни дека нашите бројки се многукратно поголеми од тиа што не прикажуваа на хартија. Нашите претци со главата плаќаа затоа што никој не можеше да им забрани да бидат Бугари, а ние денес се стравуваме од што ќе кажат комшиите или да се покажеме дека постоиме. Не бива така и не бива ние наследницте на најхрабрите да бидеме толкави кукавици. Македонија каква што ја сакаме без вистинскиот нејзин државотворен народ нема да може да ја биде.

Претходна статија

Македонско-Бугарски фашистички глупости

Следна статија

Вакцини за Сарафов

Најново од Колумни