МАКЕДОНСКО-БУГАРСКА КОМИСИСКА ГЛУПОСТ

Стара е изреката дека “ако сакаш некоја работа да не се заврши, формирај комисија”. Велат дека ја изрекол Винстон Черчил, што во случајов, а и во сите други случаи е наполно ирелевантно. Важното е дека изреката е целосно точна, точна до болка.

Македонско бугарската заедничка комисија за утврдување на општите и заеднички моменти и личности од историјата, посочени како погодни за заедничко чествување, веќе една година се занимава со самата себе си. Не само што нема решенија за ништо, ами и за она што “се договориле”, се пишманат, па така, работата стои во место. Не, не само во место, работата се враќа назад, во времето на најстудените македонско/југословенско-бугарски односи од времето на диктаторите Ј. Б. Тито и Т. Живков. Наместо односите меѓу двата народа, поврзани со роднински и пријателски врски да се подобрат, стигнавме до позиција да не сакаме да се видиме, а некакви “тврди” ставови на историчарите од двете држави, да станат вистинска баханалија на взаемната непопустливост.

Идејата за таквата комисија од почетокот беше обична посткомунистичка глупост, зачинета со албионски маниер. Како може некој да се надева дека тие историчари, и од двете држави, кои напишале по еден вагон книги, добиле признанија, награди, а Бога ми и парични надоместоци, сега ќе застанат против она што го пишувале целиот свој живот, добро затскриени во заветрината на семоќната политика, на некакви ЦК-а, на институти и слични установи, наменети за образование, но најмногу за перење на памет и пари. Па повеќето од нив сме ги читале и “прочитале”. Најчесто се преобјавуваат, се цитираат себе си, се мешаат во секоја манџа за елементарен финансиски надоместок, за елементарна државна аренда.  

Цели триесет години не убедуваа дека Александар бил Македонец како нас, десет години тоа беше официјалната државна и национална политика, се направија десетици паметници, за сето тоа да падне во само еден ден, со само еден потпис во Нивици. Токму Договорот од Нивици е точниот пример како треба да се решаваат сите отворени прашања меѓу државите.

Истоичарите и посебно академиците, поголемиот број молчеа и се правеа дека “не се од тука”. “Комисиски” се договорија дека Гоце е и Македонец и Бугарин, ама сега, кога видоа дека нема ништо од датумот за преговори во октомври, веднаш го “свртеа ќуркот”, па сега бараат да бил само Македонец. Демек, не сме го давале… Бугарските историчари барем во таа област беа константни во своите истапи, па така тие сега се ползуваат со повисок меѓународен рејтинг.

Никогаш, нито едно државно-правно, национално и јазично прашање не го разрешиле историчарите, или лингвистите. Тоа е работа на политичарите и тие треба да си ја преземат одговорноста за решавање на проблемот. Онака како што седнаа и потпишаа во Нивици, така треба да се седне и со бугарската страна.

Македонската нација и јазик не се творба на историчари или лингвисти. Ние сме творба на политичари и тие треба да преговараат. Долг е патот на македонизмот. Почнува од средината на 19.век со Начертанието на Гарашанин, па потоа (навистина високообразованиот филолог) Стојан Новаковиќ, па потоа Мисирков, па неизбежните акти на Коминтерната од 1934 година, за конечно на 2 август 1944 година во манастирот “Св. Прохор Пчински” со акт да се потврди некаква виртуелна државност на Македонците, но и кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Никој од сите споменати не работел како специјалист за јазик или историја, сите биле во својство на државници. Да го препрочитаме Стојан Ристески (Создавањето на македонскиот литературен јазик, Скопје 1988 г.), да ги видиме записниците од ткн. јазични комисии и ќе разбереме дека конечно, парабелумот на делегатот од Белград, сталинистичкиот писател и поет Радован Зоговиќ, ја решава ситуацијата. Тогаш, Блаже Конески бил далеку од лингвист, решавал од позиции на југословенската победничка политика. Така, политичарите-револуционери решаваат во македонскиот јазик да го нема темниот вокал, за да не личи на бугарски, ама затоа се внесуваат и некои нови букви како ќ,ѓ,љ,њ, па рака сме по близу до “браќата” од Белград. Се внесува и српската буква “ј”, која е земена од латиничното писмо и за која српските лингвисти уште од времето му велеле на Вук Караџиќ дека е “дело на Сотоната”. Не знам чие дело е, но знам дека половина Македонија, вклучително и сите мои прилепчани, не можат да ги изговорат овие букви, просто, за нив немаме фонетски израз.

Ете, така се решаваат проблемите. Мислам дека некаде научникот Макс Вајнрајт, објаснувајки им на децата што е тоа јазик, рекол дека “јазикот е дијалект кој има своја војска и флотила”…ние флота немаме…Намерно го споменувам јазикот, затоа што сите знаеме дека и тоа прашање ќе дојде на ред. Ќе се сопнеме на припадноста на Венко Марковски и одново ќе навлеземе во слепа улица.

Докторите на историски науки од Инстиутот за национална историја и од Факултетот, постарите а Бога ми и помладите, помнат и ќе кажат дека некаде до1952 година, по изрична наредба на Л. Колишевски било забрането да се говори и пишува за ликот и делото на Гоце Делчев. За Лазо тој бил бугарски револуционер и непријател на Македонците. Сега си го бараме назад. Историчарите нито тогаш му се спротиставиле, нито пак по 1952 година. Биле послушни, знаеме зошто…

Треба јасно и гласно да се каже дека Комисијата треба да се распушти, на членовите да им се даде надоместок (така се научени од времето на ЦК), а државниците да седнат и да си ја преземат одговорноста. Не се толку неписмени, да не ги знаат корените на македонската нација и националниот карактер на ТМОРО/ВМОРО. Спомените на сите дејци на Организацијата се достапни до секого и не треба многу здрав разум за да се дојде до вистината. Времината се променија.

Покрај сите недоследности на бугарската европска политика, не треба да се заборави дека Бугарија во овој миг не е советски/руски вазал како во периодот 1944-90 година и дека Москва не може да наредува. Во  Белград не можеме да се надеваме, Србија си има свои проблеми, ние сме само во видокругот на српските разузнавачки служби. Тоа е малку за вистинска поткрепа на опширната македонистичка идеја.

Решавањето на “македонскиот јазол” може да биде само со интервенција на државниците од Македонија и Бугарија, со почитување на посебностите по 1944 година (или нешто малку пред тоа), но и со признавањето на корените и револуционерната борба на македонскиот народ во рамките на една организација која ја имала својата опора и поддршка само и единствено во Софија, како резултат на општото национално чувство во времето до 1934 година и потоа.

Автор: Владимир Перев, новинар