Макрон до Вучиќ: Босна и Херцеговина е неделива и суверена држава
Францускиот претседател Емануел Макрон објави дека телефонски разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, при што разговарале за дијалогот меѓу Косово и Србија, како и за актуелната ситуација на Западен Балкан, јавува БГНЕС.
Макрон ја потврдил својата поддршка за европската перспектива на Србија, оценувајќи дека „европската иднина на Србија е нејзиниот вистински пат“, како и својата „надеж дека земјата ќе напредува по тој пат на реформи и пристапување, во дух на дијалог“.
„Ги разгледавме сите аспекти на односите меѓу Србија и Франција и се договоривме да ја зајакнеме нашата билатерална соработка“, напиша Макрон на социјалната мрежа X.
Францускиот претседател подвлече дека разговарале детално и за регионалната состојба:
„Го истакнав значењето што Франција му го придава на стабилноста, единството и суверенитетот на Босна и Херцеговина, како и на почитувањето на владеењето на правото.“
Макрон посебно внимание посвети и на дијалогот меѓу Косово и Србија, нагласувајќи дека Франција осудува секој едностран потег што може да го загрози процесот:
„Потсетив на значењето на дијалогот меѓу Србија и Косово и на нашата осуда на секој едностран чекор кој би го компромитирал.“
Во однос на регионот на Западен Балкан во целина, францускиот претседател заврши со порака:
„Заедно со земјите од Западен Балкан, Европа ќе ја осознае и оствари својата судбина – во дух на единство, солидарност и одговорност.“

