| |

Макрон: Подготвен сум да ги пречекам лидерите на Бугарија и РСМ во Париз

Францускиот претседател Емануел Макрон е подготвен да се сретне со бугарските и македонските власти во Париз во „вистинско време“ за да склучат билатерален договор.

Ова официјално го соопштија од претседателскиот кабинет на Макрон во Париз.

Агенцијата БГНЕС го објави целосниот текст од соопштението:

„Претседателот на Републиката вечерва (синоќа, 6 јуни) разговараше со бугарскиот претседател Румен Радев и со премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во рамките на напорите на француското претседателство со Советот на Европската Унија во последните неколку недели, да ја поддржи потрагата по решение за спорот меѓу двете земји и со тоа да ја направи реалност европската перспектива на Северна Македонија.

Претседателот на Република Франција ја изрази својата целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или малцинства. Претседателот на Републиката изрази подготвеност да се сретне со бугарските и македонските власти во Париз во вистинско време за да го склучат нивниот билатерален договор“, се вели во соопштението.

Агенцијата Франс прес детално информираше за желбата на Макрон да се сретне „кога ќе дојде време“ со властите на Бугарија и Северна Македонија во Париз, со цел, да се склучи билатерален договор што ќе овозможи почеток на преговорите за пристап на Скопје во ЕУ.

Франција, која претседава со ЕУ до 1 јули, веќе неколку недели го поддржува барањето на решение за спорот меѓу двете земји, потсетува Елисејската палата по разговорите со бугарскиот претседател Румен Радев и северномакедонскиот премиер Димитар Ковачевски и подвлекува дека за време на тие разговори, Емануел Макрон, ја изразил својата „целосна поддршка за договор меѓу двете земји што ќе придонесе за добрососедски односи и кој ќе ја зацврсти европската перспектива на Северна Македонија“.

Пет земји во моментов се официјално кандидати за членство во ЕУ: Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија и Турција.

Во 2019 година, Емануел Макрон стави вето, заедно со уште две земји-членки, на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, со образложение дека не се исполнети условите за проширување на ЕУ со тие две земји.

Слични Објави