„Мамо, пак нѐ вратија со полиција“ – обиена градинка во Бутел вторпат за една недела
Градинката „11 Октомври“ во скопската населба Бутел 2 утрово повторно е обиена.
Родител на дете што престојува во градинката за „Макфакс“ вели дека обивање на просториите на установата имало и на 25 декември, а тогаш како и денес децата што дошле со придружба на родителите биле вратени дома.
„Пак нѐ вратија со полиција“, коментирале децата додека родителите чекале повик кога ќе може да се вратат назад и да ги остават најмалите таму, па да продолжат со секојдневните обврски.
Градинката утрово почнала да ги прима децата околу 8.30 часот по интервенцијата на полициските службеници.
Од МВР за „Макфакс“ велат дека денешниот случај бил пријавен утрово во 6.08 часот.
„На подрачјето на Бутел засега непознат сторител насилно ја отворил влезната врата од детската градинка по што влегол внатре и извршил претурање и, според пријавеното до сега, не е одземено ништо“, велат од МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

