Марта Кос ја предупреди Србија да не му оддава почит на Ратко Младиќ
Еврокомесарката за проширување Марта Кос индиректно ја предупреди Србија да не организира погреб со државни или воени почести за осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, кој почина минатата недела на 84-годишна возраст во затворската болница во Хаг, јавува бугарскиот дневен весник 24 часа.
„Величањето на воени злосторници нема место ниту во земја членка на ЕУ, ниту во земја кандидат за членство“, изјави Кос на Стратешкиот форум во Блед, додавајќи дека се надева оти Владата во Белград „знае што е во прашање“.
Младиќ беше осуден на доживотен затвор за воени злосторства за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, вклучително и за масакрот во Сребреница во јули 1995 година, кога беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци, претежно мажи и момчиња.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека семејството ќе одлучи каде ќе биде погребан Младиќ и дека, доколку избере Србија, државата ќе обезбеди потребна помош за церемонијата. Србија преговара за членство во ЕУ од 2014 година.
