Мастер клас на ЦЕРН за бугарски ученици
Бугарски ученици на возраст меѓу 15 и 19 години, се поканети да учествуваат на мастер клас на ЦЕРН 2023 година. Водечки принцип при изборот на учесниците ќе биде нивниот интерес за физиката и науката. Мастер класовите не се само за ученици од Бугарија. Тие се меѓународни и ќе се одржат во повеќе земји истовремено, изјави за Радио Софија гл. ас. Румјана Хаџијска од БАН.
Таа објасни дека учениците ќе присуствуваат на предавања за теорија на елементарните честички, ќе добијат објаснувања за методиката на истражувањата и ќе направат сопствена проценка на податоците од експериментите на Големиот хадронски акцелератор на честички LHC во CERN, Женева. Учесниците ќе го поминат денот спроведувајќи научни истражувања и ќе разберат што и како истражуваат физичарите на елементарните честички.
„На крајот на денот, тие ќе го бранат своето истражување во директна дискусија со научниците од ЦЕРН. Часовите се бесплатни, важна е желбата“, додаде гл. асистент Румјана Хаџијска.
Таа додаде дека мастер класовите се одржуваат од 2011 година кога биле вклучени околу 60 учесници.
Мастер класот започнува на 15 и 22 март во Враца, 16 март во Пазарџик и 29 март во Софија.
