| |

Медиумски колапс, како парадигма на колапсот на заштитата на Охрид и охридскиот регион од УНЕСКО

Никица Корубин

Постои тема, која е клучна во секоја демократија, која функционира врз база на индивидуалната одлука на граѓаните – а, тоа е точната и навремена информација, односно вистината. Од неа зависи ставот на граѓаните, која како таква – како вистина – се подразбира дека треба да дојде од секоја форма на институционалност, но особено од оние кои постојат за пренесување на информациите, а тоа се медиумите. Но, информации како вистина, контекст, истражување, причини и последици; а не како про-форма вест, “испразнета” од секоја суштина.

Зошто токму така, изгледа, по кој знае кој пат (и на кој знае која тема) медиумското известување за последната одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Охрид и охридскиот регион да не биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, како што предвидуваше одлуката на истиот комитет, врз основа на наодите на стручните тела на УНЕСКО.

И ништо не им беше чудно на нашите медиуми што оваа одлука ја објавува министерот за надворешни работи, а не министерот за култура или министерот за животна средина (бидејќи Охрид и охридскиот регион и се заштитени поради културното и природното наследство); кој всушност и единствен во јавниот простор ја кажа вистината (или ја навести): “Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оцени дека одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО да го одложи впишувањето на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност претставува значаен дипломатски успех за државата”.

Дали и за кого е “значен” е крајно дискутабилно и лицемерно, но фактички станува збор за “дипломатска операција” која тој (невтемелено на ништо, а најмалку на досегашното искуство) ја прогласува за “дипломатски успех”. Но, е строго “дипломатски” односно чекор на лобирање, кај некоја од постојаните членки на комитетот, кое нема никаква врска со заштитата на регионот; за поднесување на амандман за промена на одлуката. Амандманот овој пат го поднесува Турција и одлуката се менува “во наша корист”, а на штета на културното и природното наследство на Охрид и охридскиот регион.

И ова е крајно транспарентна информација, која во секој момент секој еден (новинар или не) може да ја симне од веб страната на УНЕСКО, во реално време, додека траат седниците на самиот комитет и да ја презентира така или како поопширно анализа, на читателите, слушателите, гледачите; на нас граѓаните. А, сепак тоа не го прави апсолутно никој. И оние што се жалат за “загрозена слобода на медиумите” и оние кои “манипулацијата” ја сметаат за дел од информирањето.

Оваа брутална (само)цензура од каков мотив и да е настаната е еден од најсилните лајт мотиви и алатки, на “заробувањето на општеството” и ширењето на било која пропаганда. Со ефект, често пари поголем, и од реалната и ефективната власт.

И бидејќи никој и не се интересира за изненадувачката и интересна транспарентност на министерот за надворешни работи, каква улога има воопшто дипломатијата тука; добро е да се потсетиме, дека всушност оваа влада во овој случај, го одржува институционалниот континуитет на претходните влади и го следи истиот пример – постапувањето по препораките на УНЕСКО кои де-факто го чуваат нашето културно и природно наследство – го заменува со дипломатско лобирање (кај земји членки на комитетот) за измена на стручните одлуки со политички ветувања, за “купување на (нивно) време” со кои искуствено само се продлабочува неповратно штетата врз културното и природното наследство.

И овој “дипломатски успех” е идентичниот метод, од првото барање Охрид и охридскиот регион да се стават на Листата на загрозено наследство во 2017 година, па се’ до денес. И во овие “10 години купено време”, апсолутно ништо стратешки и суштински, ефективно и методолошки, законски и како модел на управување не се смени со состојбата со културното и природното наследство во Охрид и охридскиот регион. Па, врз основа на кое “искуство и потенцијал” се бараше дополнително време?

И на крајот за “5-те години”, кои овој пат се речиси дупло подолго од досегашните одложувања. Одлуката на комитетот (која со “дипломатски успех” и со амандманот на Турција е променета, предвидувала: “Одлучува да го впише Природното и културното наследство на регионот на Охрид (Албанија, Северна Македонија) на Листата на светско наследство во опасност; и да им овозможи на државите-страни период на имплементација до својата сесија во 2031 година за да се заврши имплементацијата на Стратешкиот план за закрепнување; Понатаму бара од државите-страни, во консултација со Центарот за светско наследство и Советодавните тела, да развијат Посакувана состојба на зачувување за отстранување на доброто од Листата на светско наследство во опасност и единствен сет на заеднички корективни мерки запрекуграничното добро, вклучувајќи јасен временски рок за нивно спроведување, врз основа на препораките од мисиите од 2020 и 2024 година, и врз основа на корективните мерки развиени од државата-страна Албанија, за разгледување од страна на Комитетот за светско наследство на неговата 49-та седница во 2027 година”.

Со други зборови, ние сме ги одбиле и Центарот за светско наследство и Советодавните тела, кои се всушнсот стучниот дел на УНЕСКО, целата нивната експертиза, знаење и искуство, средства и луѓе, кои единствено може да го спасат нашето културно и природно наследство; бидејќи веќе сме во фаза на “закрепнување”.

И овие 5 години биле, период во кој требало да се вратиме на листата на заштитени подрачја, после целосно рехабилитирање на регионот. Наместо тоа ние се потпираме на “пишаните заложби на највисоко ниво” и на постоечките 10 години, додаваме уште 5 години колапс. Но, зошто всушност УНЕСКО и би го заштитил нашето културно и природно наследство, кога ние очигледно не сакаме? Освен декларативно, во колапсот на јавниот дискурс.

Повелете во прилог линк од одлуката, корегирана со амандманот.



Слични Објави