Меморискиот печат на злото

//

Пишува: Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нова Македонија

Молк. Никако да се тргне превезот на тишината над комунистичкото минато во Македонија. Никако да се соочиме со повоениот демоцид, чиј најголем извор беше комунизмот. А токму демоцидот како „намерни убиства на невооружени или разоружени лица од страна на владини агенти што дејствуваат во нивниот авторитативен капацитет и во согласност со идеологијата и политиката на комунизмот“ беше печатот на злото на едно време за кое „државотворните“ не сакаат да се сеќаваме. Преку лешеви на невини до власт. Тоа беше дел од поширока програма на терор одобрена од државата, дизајнирана да заплаши, деморализира или да го потчини граѓанството. Теророт имаше очигледен застрашувачки ефект врз вистинските или потенцијални непријатели. Денес наследниците на комунизмот се „печатот на македонската европска идеја и напредокот од осамостојувањето до денеска“. Како што милува да каже нивниот октроиран водач. Печат од кој никогаш не се избришаа крвта, солзите и страдањата на оние што вистински беа за македонската идеја и македонска држава.

Тишината за ужасите на комунизмот за кои се обидувам да пишувам не е молк на морално несигурни луѓе. Тоа е тишината на луѓето што едноставно се збунети од спектаклот на толку многу апсолутно залудни, бесмислени и необјасниви страдања. Многу луѓе во Македонија го пренесоа наследството на страшните спомени на следните генерации. Стравот стана одредница во животот на многумина репресирани од комунистичкиот режим, реплицирајќи се и мутирајќи под власта на новокомунистите. Кои перверзно посакуваат да ги доживуваме како државотворни. Кога клетките на ракот мутираат, тие стануваат повирулентни и можат да се скријат самите подобро. По нивната мутација, овие клетки обично се префрлаат на различен дел од телото, камуфлирајќи се во различни форми. Така е и со стравот. „Не, не се плашиме“, ќе чуете од жртвите на комунизмот. Но ние едноставно не зборуваме за тоа. Тоа е минато и не сакаме да ископаме стари рани.
Стравот е она што го вдишуваат жртвите на комунистичкиот прогон сиве години на независна Македонија. Затоа граѓаните сѐ уште си ги чуваат зборовите, дури и дома.



Од страв.
Некогаш, а богами и денес Македонија не е подготвена за „битката за меморијата“. Никогаш не стана јасно за што треба да биде оваа битка. Кај нас дел од политичката и од интелектуалната елита наследена од комунизмот одлучи дека политиката на меморија е анахронизам. Па така, во последните седумдесетина години се пропагира лажна историја, која денес нѐ зароби како држава и народ на нашиот пат кон Европската Унија. Зарем некој кај нас истакна сериозна загриженост дека историјата ќе биде инструментализирана од политиката и дека историјата ќе биде комунистичка идеологизација на минатото. Не гледам дека имавме желба да креираме институција за национално сеќавање, како ни комисија за гонење на злосторствата против македонската нација. Институции што требаше да ги зачува, управува, користи и открива материјалите на државните безбедносни агенции од периодот помеѓу 1944 и 1990 година, чии задачи ќе беа архивски, судски и едукативни. Наивно е да се верува дека вакви институции се можни во држава каде што власта беше, е и остана само клон на поранешната комунистичка, обландирана во евроатлантска агенда.
Поранешните комунисти направија сѐ за да создадат можност за политичко користење и злоупотреба на историјата. Моралниот суд за минатото, кој ги меша функциите на историчарите и другите, лесно води до манипулации и пропусти. Сеќавањето лесно може да значи заборавање, доколку изборот меѓу што да се запамети и што да се заборави го прави државата, особено кога е водена од поранешните комунисти. Минатото не може да се прикрие со делумни вистини – тоа е срамно. Гледаме каде нѐ одведе тоа во преговорите со Бугарија за „нашата заедничка историја“. Всушност, сенката на тајните служби продолжува да ја замрачува историјата и не дозволува нејзино преиспитување. Опсервацијата дека не можете да направите омлет без скршени јајца можеби е вистина, но таа одамна беше уништена како оправдување на комунистичката тиранија во Македонија со фактот дека сите ги видовме скршените јајца, но никој никогаш не го виде омлетот.

Историјата често се занимава со амбициите на моќниците и има тенденција да ги заборави луѓето чии животи биле уништени од тие амбиции, чии семејства биле жртви и трауматизирани со генерации и чии имиња можеби никогаш никаде не се спомнуваат. Затоа во Македонија историјата и политиката сѐ уште не сакаат да ги слушнат сведочењата на преживеаните и семејствата на жртвите, и да ги види различни перцепции и толкувања на минатото. Зашто ќе го види вистинскиот „печат на злото“ на наследниците на комунизмот, кои со години го трујат народот со вирусот на стравот, за да може да им стане орудие на луѓето од власта без да бидат свесни за тоа. Време е историјата да им го даде правото на паметење на жртвите за да може да споделуваат спомени за злото на комунизмот, за да ја напишеме „вистинската“ историја на Македонија за мене, за нас – денес. Па ако сакате и за Европа.



Претходна статија

Во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје се одржа средба со претставници на бугарскиот бизнис во РС Македонија

Следна статија

МНР на Бугарија: Мицкоски е закана за евроинтеграцијата на РС Македонија, нема нови услови од бугарска страна

Најново од Истакнато