|

Мицкоски: Целта ни е да станеме центар на дигитални иновации во регионот, земја што ќе привлекува инвеститори и ќе задржува таленти

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Скопје го отвори Западнобалканскиот дигитален самит 2025, каде ја претстави визијата за дигитална трансформација на државата и истакна дека целта е Македонија да стане центар на дигитални иновации во регионот, земја која ќе привлекува инвеститори и ќе ги задржува талентите.

Во своето обраќање пред претставници на Европската Унија, министри од регионот и гости, Мицкоски нагласи дека дигитализацијата не е само технолошка промена, туку суштинска револуција што ја обликува иднината на граѓаните, бизнисите и државите.

„Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење. Целта ни е не само да го следиме напредокот, туку да бидеме лидери во дигиталната трансформација,“ изјави премиерот.

Тој потсети дека долгогодишната бирократија била кочница на развојот и нагласи дека дигитализацијата е клуч за праведност, еднаквост и развој. „Кога секој граѓанин со еден клик ќе може да добие документ, тоа е вистинска демократија. Кога секој земјоделец може брзо да добие субвенција, тоа е правда. Кога компаниите аплицираат дигитално за проекти, тоа е развој,“ рече Мицкоски.

Меѓу приоритетите, тој ги издвојува целосна дигитализација на јавните услуги до крајот на мандатот, дигитален идентитет за секој граѓанин, зајакнување на сајбер-безбедноста и создавање генерации со дигитални вештини конкурентни со европските.

Премиерот со гордост ја претстави апликацијата М-Услуги, со која граѓаните добиваат сите документи во еден дигитален паричник, безбедна размена на податоци и целосна транспарентност. „Ова е почеток на една дигитална револуција што ќе ја промени државата од корен. Дигитализацијата е нашиот мост кон Европа и нашата заштита од корупцијата,“ порача Мицкоски.

Споделувајќи и лично искуство од пред две децении, кога работел со алгоритми од вештачка интелигенција во рамки на својот докторат, тој истакна дека денес, како премиер, има цел Македонија да стане регионален лидер во дигиталната трансформација.

„Убеден сум дека до крајот на мандатот ќе успееме да ја претвориме Македонија во земја која е конкурентна во Европа и регионот. Иднината им припаѓа на оние што се подготвуваат за неа денес – а ние ќе бидеме тие,“ заврши Мицкоски.

Слични Објави