| | |

Мицкоски со ново „робусно“ решение за Бугарите- некој друг да му ја заврши работата

Атанас Величков

Премиерот Мицкоски ја најави поредната „робусна“ акција, но овој пат, таа нема да биде спроведувана од него и тимот од „брејн-дрејн експерти“ со кои раководи, туку после Нова година, акцијата ќе ја спроведе „друг, помоќен центар“. Акцијата се разбира е поврзана со гласањето и спроведувањето на уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија. За да се случи тоа, на Мицкоски, како што веќе на сите им е познато му се потребни гаранции. Гаранции кои треба да ги испорача Софија, откако некој „помоќен центар“ ќе ги истегне ушите на бугарските управници и ќе им рече „Ова е последно барање!“

Звучи прекрасно, уште една дипломатска победа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, без „виткање на кичма“ и онака пркосно и достоинствено. Звучи прекрасно, но само звучи. Реалноста, како што излегува речиси секогаш е за нијанса две малку поинаква.

Дали има потреба по 1000-ти пат, да објаснуваме дека Република Северна Македонија има за исполнување преговарачка рамка? Дали е нужно да потсетуваме дека внесувањето на Бугарите како дел од бугарскиот народ во Уставот на РСМ е условот, да започнат суштинските преговори со отворање на одделните поглавја? Тоа се задачи што стојат пред владеачката гарнитура во земјата, нема како некој „поголем, помоќен или поробусен центар“ да му ја заврши работата на Мицкоски.

А тоа е така поради една многу проста причина- Бугарија и македонските Бугари не се приврзок во ЕУ или пак некаков брош на вечерен тоалет, ставен онака за раскош. Бугарија ја има својата важна улога не само во ЕУ, туку и во НАТО, а македонските Бугари, колку и тоа да не му се допаѓа на Мицкоски и неговиот „труст на мозоци“ се во основата на идејата за независната држава Македонија. Така било во минатото, така е и денес. Од тоа, како што кажува многу често премиерот… нема бегање.

Без тие два компоненти (Бугарија со целиот нејзин авторитет како држава на повеќе од 1300 години и македонските Бугари, со нивното достоинство и дигнитет) договор не може да има!

Тоа им е јасно на сите, кои ја следат проблематикава, а ако не им е, ќе им стане јасно и на клиентите во ВМРО-ДПМНЕ, нивните конкуренти од СДСМ и на сите останати политички чинители во државава. Од „најогнените“, па до оние најминорните и како партиски и како интелектуален капацитет.

Колегите новинари кои биле присутни на брифингот со премиерот исто така знаат, за што станува збор. Оти тие немаат дилема дека годината е 2025, а месецот е септември. Со други зборови, времето на Железната завеса одамна е одминато. Барем на Запад, веќе никој не тегне никого за уши. Станува збор за партнерство и доверба, ама вистински, а не само празни зборови запишани на хартија.

Бугарија, таа „темна Индија“ за премиерот и неговиот тим од советници, е партнер со земјите во ЕУ, таа е ЕУ, не е послушник и конзуматор во истото тоа семејство. Затоа би било прекрасно, ако конечно тие од кои зависи иднината на државата го сфатат тоа.

Благите и оптимистички приказни за тоа, како големите „имаат разбирање“ и како пак тие ќе ни ја завршат работата, би било престап да „фатат место“ дури и во највжештените патриотски глави, кои не пропуштиле ниту една комитска вечер во нивните животи. Тие би го прифатиле и внесувањето на Бугарите во Уставот како поредниот „пораз“, колку и пати гласноговорниците да им ги пикаат пред нос т.нар. „гаранции“.

Едно нешто е гарантирано! Нема „моќен центар“, кој би се нафатил да му ја заврши работата на Мицкоски, оти Мицкоски се нафати да биде премиер на оваа земја. Мицкоски и неговиот тим од експерти, треба да го направи првиот чекор и да им каже на неговите пратеници да гласаат за внесувањето на Бугарите во Уставот на РСМ. Дали тоа ќе се случи после Божик или Нова година е најмалку важно, особено ако погледнеме од бугарската камбанарија. Бугарите, немаат брза работа. Од 1 јануари 2026 г. тие ќе станат дел од еврозоната, ќе градат фабрики за оружје со огромна германска компанија и ќе набљудуваат…

Софија е јасна, ЕУ е јасна, а власта во РСМ треба да биде свесна дека „макар и само сонцето да е постаро од Македонија“, таа не е сонцето и светот не се врти околу желбите и замислите на Мицкоски или било кој друг македонски политичар.

Тие, кои се избрани да ја коват иднината на оваа земја треба да се фатат за работа, а не да бегаат со робусни чекори од одговорност. Нема како поинаку и тука ни „помоќен“, ни „вселенски центар“ нема да им помогне.



Слични Објави