МИХОВ (ВМРО): КИРИЛИЦАТА Е СОЗДАДЕНА ВО БУГАРИЈА КАКО ЗАМЕНА НА ГЛАГОЛИЦАТА

„Бугарската писменост е идентична со кирилицата, создадена и раширена меѓу другите словенски народи токму од Бугарија. Основата на државноста на бугарскиот дух е токму бугарското писмо. Кирилицата, која е создадена во Бугарија и ја замени глаголицата, создадена од Константин-Кирил филозоф и Методиј, е дел од основното движење за реформи спроведено од Борис, Симеон Велики и цар Петар,“ образложи пред бугарските пратеници историчарот Милен Михов од ВМРО.

Вчера бугарското Собрание со 73 гласа за, 4 против и 34 воздржани, го усвои во прво читање, предлогот на коалицијата Обединети патриоти предводена од ВМРО на вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, која е дел од Владата на Бојко Борисов, за преименување празникот 24 Мај од „Ден на бугарската просвета и култура и на словенското писмо“ во „Ден на бугарската литература, образование и култура“.

Според „Обединети патриоти“ формулацијата „празник на словенското писмо“, била измислена од Бугарската комунистичка партија.