МИНИСТЕРОТ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ГЕРМАНИЈА ХАЈКО МАС ПОВТОРИ ДЕКА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР Е ОСНОВЕН ЕЛЕМЕНТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

Вести Истакнато Македонија

На вториот ден од работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола  Димитров, се сретна со својот колега, министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас. На средбата, Министрите разменија мислења за европската и евро-атлантската интеграција на Република Македонија, како и за динамичната билатерална соработка меѓу двете земји, на политички и на економски план. И во оваа прилика, МНР Димитров повторно изрази благодарност за континуираната билатерална поддршка од СР Германија за имплементација на реформските процеси во Република Македонија, како и за значењето на Берлинскиот процес во овој контекст. Зборувајќи за домашната политичка ситуација, Министерот Димитров нагласи дека „и покрај предизвиците, можностите за позитивен исчекор и напредок се отворени за Република Македонија.” МНР Мас изрази задоволство од севкупниот прогрес во Република Македонија, како и од текот на имплементацијата на Договорот од Преспа, укажувајќи на важноста од заокружување на овој процес, што е предуслов за европските и евроатлантските интеграции на земјата. За време на работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервјуа за Велт и Тагесшпигел, покрај прашањата за евроинтегративниот процес на Република Македонија и Договорот од Преспа, даде свој осврт и за улогата на Сојузна Република Германија во Југоисточна Европа.