Мира Копанаров: Глаголицата ни дава можност да го поврземе минатото со иднината
Изложбата-инсталација „Со глаголица околу Земјата“ на бугарската уметница од Торонто, Мира Копанаров, беше отворена во Мермерното фоаје на Бугарското национално радио во Софија. Проектот ја претставува глаголицата како врска меѓу културното наследство, современата уметност и технологијата, јавува БТА.
Копанаров, која е иницијатор и куратор на проектот, истакна дека глаголицата не треба да се гледа само како архаично писмо, туку и како средство за размислување за начинот на кој луѓето денес комуницираат и ги користат технологиите.
„Глаголицата ни дава можност да го поврземе минатото со иднината и да размислиме како ги користиме технологиите и како комуницираме со луѓето“, рече таа.
Во изминатите три години изложбите на Копанаров ги посетиле илјадници луѓе. На едно од претставувањата во Торонто, околу 1.000 посетители ја виделе поставката за шест дена.
Меѓу експонатите во Софија се светлосен куб инспириран од зборовите „Во почетокот беше Словото“, интерактивни елементи со глаголички знаци и платно поврзано со иницијатива во Торонто, во која 70 деца на 30-метарско платно за 30 минути на глаголица напишале „Јас ја сакам Бугарија“.
„Размислете како ги користите технологиите, како комуницирате со луѓето околу вас и како комуницирате со самите себе“, им порача Копанаров на присутните.

