МИТРЕВ: ВАЖНО Е ДА ГИ ЗАДРЖИМЕ МЛАДИТЕ ЛУЃЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Кој е Добре Митрев и што го натера да влезе во политиката?

Јас сум семеен човек, татко на две деца, кои за жал како и многу други млади луѓе од Македонија во моментот живеат во странство. По професија сум правник, косопственик на консултантска компанија. Еден од основните мотиви за да влезам во политичките води е токму најголемиот проблем на Македонија, а имено иселувањето на младите луѓе од државата.

Принципот што ве води во вашата политичка дејност?

Јас како активен политичар, член на ГДУ, верувам дека ние не треба да ги убедуваме младите да се вратат, а и не можеме, бидејќи тоа е многу тешко, туку имам изготвено кратка програма како да ги задржиме младите што останаа тука. Што е најважно за еден млад човек? Oбразование, работа и решено станбено прашање. Треба да направиме систем за целосно кредитирање на младиот студент, кој ќе има обврска по своето вработување да го врати кредитот, но не по секоја цена, туку по примерот во западните земји. Најсликовит е примерот со Англија. Таму си обврзан да почнеш да го враќаш кредитот, ако твојата годишна плата изнесува 30 илјади фунти, или повеќе од просечната месечна плата во земјата. Тој модел може да се примени во Македонија. Решавањето на станбеното прашање на младиот човек, исто така може да се реши на сличен начин. Кредитирање од компаниите, кои можат да изградат сопствени станови и да ги дадат на своите вработени, потег со којшто се решаваат два проблема. Првиот решавање на станбениот проблем на вработениот и вториот задржување на работниот кадар, што е огромна потреба на фирмите. Тоа е само еден дел од решенијата што ги нуди ГДУ во својата програма.

Која е Вашата порака до политичките ривали?

Во оваа кампања слушаме разни ветувања. Посебно од моите политички ривали од 4 изборна единица, кои ветуваат популистички методи со зголемување на плати од 100, 200 илјади денари. Јас би ги прашал, особено кандидатите од мојот град Кавадарци: Дали во нивното работење досега имаат обезбедено личен доход барем за 3-ца вработени, или цел живот работат во државни претпријатија? Тие ли се дрзнаа да зборуваат за економија? Ги повикувам да излезат на јавна дебата и да се соочиме со нашите аргументи, па народот нека оцени кој е популист и кој реално ги гледа проблемите. Се обраќам посебно до моите сограѓани, дали сакаат пратеник од нивниот град, што ќе биде само декор во Собранието или ќе биде пратеник со сопствено мислење сопствен став и сопствени идеи. Голем дел од моите ривали се само партиски послушници, кои слепо ги следат своите неспособни лидери. Јас сум убеден дека единствениот политичар кој има јасна визија за развојот на Македонија преку европските вредности е господинот Петар Колев. Граѓани на Македонија, верувајте во нешто ново, нешто реално, затоа што каде сега ќе беше светот, ако најголемите умови во историјата на човештвото не ги оствареа своите иновативни идеи. Само да ве потсетам идеите на Галилео Галилеј, Никола Коперник и Џордано Бруно, не беа прифатени во почетокот од широките маси и посебно од владејачката класа, но и покрај тоа тие се во основата на светскиот развој. Затоа верувајте во новата сила ГДУ.