МЛАДАТА „ПАРТИЗАНКА“ И ДОКАЖАНИОТ „КОМИТА“

„Команданти на УЧК ја водат Владата, го водат Собранието, ги водат општините во Република Македонија, значи команднати на УЧК денеска ја водат Република Македонија и тоа го прават на најдобар можен начин“. Артан Груби 2016 г.

Оваа изјава е само еден потсетник за нашата реалност…

Наша болна реалност е и фотографијата на Шекеринска со Дехари.

Вчера министерката за одбрана Радмила Шекеринска се обиде (неуспешно) да се извади од непријатната ситуација со фотографијата пред можеби најукрасениот градоначалнички ѕид во Македонија, со зборовите дека дејстивијата од 2001 биле далеку зад нас.

Не! Не се далеку и не, никогаш нема да бидат, затоа што имаше амнестија за хашките случаи. Амнестија изгласана од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, другиот македонски играч, во таа „голема тројка“ ДУИ-СДСМ-ДПМНЕ.

Во 2011 година Груевски, преку амнестијата за хашките случаи си обезбеди сигурна коалиција со Али Ахмети. Сепак и последниот требаше да испорача една доза патриотизам за своите гласачи нели.  Денес младата партизанка Шекеринска испраќа пораки до албанските гласачи дека ете исти сме и не ми е проблем да се сликам пред симболот на вашата „комитска“ организација со еден докажан ваш „комита“ каков што е Фатмир Дехари.

Героски ја нарече Шекеринска апаратчик баш поради тоа што таа немаше смелост да се извини за фотографијата или пак едноставно да каже дека и било мило кога истата се правела и нема никаков проблем со тоа.

Целата наша држава опстојува на рамењата на слични апаратчици. Ако не се сини ќе се црвени и сите на свој начин му се додворуваат на Али, затоа што тој е раководител на силна структура која не дава да падне влакно од главите на своите припадници. За волја на вистината паѓаат не само влакна, но се добиваат и рани од огнено оружје, но само после внатрешни пресметки како онаа во Мала Речица пред 2 години, и никогаш од надворешен непријател. Така се работи.

Фотографијата на младата партизанка со докажаниот комита е само дел од филот врз пресолената торта со јаготки наречена Македонија…

Треба да е блага, ама е солена, нема логика нели?

Баш ме брига што би рекол градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, ако не можете да најдете логика.

Македонија е во заложништво на хиени, кои веќе безмалку 20 години си имаат добро другарче кое баш го брига за многу работи не само за дивоградбите во Струга или пак за пицеријата на Нефи кај чинарот во Охрид…

Шекеринска застаната гордо, како тазе дипломирана студентка со просек 10, пред симболот на УЧК, повторно нѐ потсети дека нивната игра со „доброто другарче“ нема да заврши туку така.

Нема потреба да ја нарекувате „кокошка“, кога сите ние сме мали мачиња, влезени во facebook филм дека се лавови.

Автор: Атанас Величков