Младата писателка од Прилеп Лина Димоска со награда од литературен конкурс во Бугарија
Младата писателка од Прилеп, Лина Димоска, доби награда за млад писател на шестиот Национален конкурс за авторска приказна со меѓународно учество, организиран од Општина Стара Загора , Народно читалиште ,,Родина 1860″ и клуб ,,Млад писател”. Во ова издание на конкурсот зедоа учество повеќе од 40 автори од цела Бугарија и Лина Димоска од РС Македонија, Прилеп.
,,На иницијатива на мојот пријател Филип Димкоски се впуштив во една творечка авантура и прв пат напишав научно- фантастична приказна. Темата беше ,,Црниот волшебник и белата змија”. Ја испратив на меѓународниот конкурс организиран од страна на Народно читалиште ,,Родина 1860″ од Бугарија. Творбата ми ја донесе првата меѓународна Награда на Клубот ,,Млад писател “. Преводот на бугарски јазик го направи Денис Олегов и за тоа сум му многу благодарна. Наскоро приказната ќе биде објавена и на македонски”, пишува на социјалната мрежа Фејсбук младата авторка Лина Димоска.
Лина Димоска е родена во 1995 година во Прилеп. Завршува гимназија во Прилеп а потоа дипломира на Економскиот факултет во истиот град кон Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола.
Има учествувано на многу литературни конкурси и натпревари. Има освоено второ место на конкурсот,,Литературни искри” во 2009 година, второ место на натпреварот за читање УКЛО Тривиум во 2016 и 2017 година.
Нејзини творби се објавени во ,,Зборникот на прилепските автори” издание на Градска библиотека ,,Борка Талески” Прилеп во 2021 година, дел е од тимот на литературниот блог krajbrezje.mk , авторка е на книгата со поезија ,,Љубовни писма на еден прилепчанец ” и на романот ,,Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ”.
Расказот на Лина Димоска можете да го прочитате на следниот линк.