Многу шумари, ниеден вистинскиот!
Со 170 нови луѓе „Македонски шуми“ сигурно има план да пошумува 24-7, да следува процес на една нова колективизација, има да ви се сади дрво во секоја ваша нива, градина, парцела, двор, море и во секој стан. Има и да ви се наводнуваат и „дрвата на животот“ по дома додека сте на одмор. Со 170 нови вработени ќе се фати и последниот дрвокрадец и нечесен берач на боровинки или плодови од модра смрека пред време (погледнете им го сајтот, ова им се најнови активности). Замислете само кога 170 луѓе, мисловно и физички ќе се впрегнат да ја остваруваат мисијата и визијата на ова јавно претпријатие. Каква шума од Македонија има да биде тоа!
20-ти април, хотел Буши, голема конференција организирана од „Опортунити центар“. Ваше е да се појавите, а нивно да го оправдаат името – да ви понудат можности. И тоа не какви било туку строго емигрантски. И не каде било туку во ветената Германија. Се“ што треба е да сте здравствен работник и да сте веќе „болни“ од безизлезот, заглавени некаде во пресеците на множествата „здравство“ и „Македонија“.
Оваа компанија „Опортунити центар“ посредува за работа во странство. На конференцијата во петок таргет е македонскиот здравствен персонал.
„Идејата излезе од потребата за вработување на младите. Ние им нудиме дополнителна можност, едно „неопходно зло“. Им нудиме пат и подобра можност за нивната иднина, а пред се’ за нивната социо-економска благосостојба“, велат од „Опортунити Центар“.
Злото веќе одамна се третира како неопходност во оваа држава, па изјавата од Центаров не треба да изненадува. Исто како што воопшто не изненадува на пример ниту изјавата од Унијата на Здруженија на медицински сестри од каде што ги опишаа условите што овие луѓе ги тераат да избегаат од едно чисто, македонско во едно како што заклучивме исто неопходно, ама германско зло:
„Освен со ниските надоместоци за ноќните смени, медицинските сестри се соочуваат и со други проблеми како што е ниската плата воопшто, долгото и исцрпувачкото работно време, вработување со договор на дело, а поради дефицитот на персонал дежураме и по 24 часа“.
Нема потреба новинарски да се проверува веродостојноста на зборовите на сестрите и докторите – сите ние сме биле вклучени директно или индиректно кога истата била тестирана врз болното тело, наше или на нам близок. Оттука, сосема е излишно да се трошат сега редови за да се наслика состојбата во македонското здравство. Ниедна вест од македонска болница веќе не може да не’ изненади.
Она што изненадува стигна во вид на информација од една друга институција, ќе речете најбитната – од Владата. Поточно од јавно претпријатие што е под нејзина капа. А не така одамна, бевме речиси убедени дека расчистивме со изненадувањата и од таа адреса.
На истиот ден кога Унијата го оплакуваше неплатениот докторски и медицински труд, се појави вест дека ЈП „Македонски шуми“ распишува оглас за вработување на 170 луѓе. 170 нови буџетари, на милост и нагалено наречени – референти, шефови, контролори, чувари, ракувачи со градежни машини, одржувачи и цитирам – „различни други профили работници“.
Навистина ми требаше долго време за да успеам да набројам 15 македонски приватни компании со толку вработени… И се’ уште не сум сигурна дека сите на коишто се сетив на прва имаат по толку. Затоа голема е љубопитноста да се види изјавата на директорот Зоран Ѓоргиев што и како тој планира со ова ново човечко засилување. Всушност, да не се лажеме, какво засилување – 170 луѓе се едно цело ново претпријатие. Со 170 нови луѓе „Македонски шуми“ сигурно има план да пошумува 24-7, да следува процес на една нова колективизација, има да ви се сади дрво во секоја ваша нива, градина, парцела, двор, море и во секој стан. Има и да ви се наводнуваат и „дрвата на животот“ по дома додека сте на одмор. Со 170 нови вработени ќе се фати и последниот дрвокрадец и нечесен берач на боровинки или плодови од модра смрека пред време (погледнете им го сајтот, ова им се најнови активности). Замислете само кога 170 луѓе, мисловно и физички ќе се впрегнат да ја остваруваат мисијата и визијата на ова јавно претпријатие. Каква шума од Македонија има да биде тоа!
Последниот пат кога „Шумите“ ги тресеа низа афери не беше одамна туку во времето на поранешниот директор Жарко Караџоски. Токму ова претпријатие се појави како главна алка во синџирот на крајно сомнителната и скандалозна „лотарија“ кога во студиото на МРТ, со тогашните министри Диме Спасов и Зоран Ставрески како гости, во живо се извлекуваа “најсреќни добитници“ на работно место. Преку ноќ таму се вработија 1600 работници. Дел требаше да останат во ова претпријатие, да се дообучат и да се користат за потребите на истото, а дел да се прераспределат по другите институции низ јавната администрација. Власта се смени, ама не и „Македонски шуми“.
Последните информации се дека тука има околу 2500 постојани вработени, кои иако се една застрашувачка бројка, никако не се доволни за потребите на претпријатието, па „Капитал“ со години анализираше како истото секоја година фрла по околу 13 милиони евра за ангажирање на надворешни фирми за сечење и транспорт на дрва. Во јануари годинава се распиша оглас и се вработија 325 нови дрвосечачи и дотурачи. Овие „новиве нови“ 170 (од вчера) се за различни позиции, но огласите за вработување во „Македонски шуми“ се веќе одамна надвор од умот, тие се веќе на ниво на магија и волшепство, луѓе се вработуваат без престан и истите пропаѓаат како во бунар без дно. Ги нема за да работат, а истовремено има изјави дека ете се таму, чекаат на прераспеделување. Значи таму се, а не се. Значи секоја година има нови вработени и секоја година има повторно дефицит со кадар. Значи луѓево мора да им се губат низ шумиве…навистина нема друго објаснување.
Дополнително, „Македонски шуми“ одамна е на врвот на претпријатија должници кон државата, такви што со години не плаќаат данок и тонат во загуби, милионски, огромни загуби. Кои потоа државата ги отпишува. Каква лакрдија.
Како и зошто новото раководство одлучило дека при вакви едни услови, наместо сериозен план за трансформација, една сериозна стратегија за распределба на кадар и реформа, потребни се ПРВО нови вработувања, тоа не е јасно и е надвор од елементарната логика, особено затоа што паралелно со овој процес нема и еден друг, логичен процес на отпуштања.
Затоа единствен процес што тече паралелно со приливот на „разни профили работници“ по јавната администрација е одливот на вистинските работници низ граничните премини. Додека приоритет за директорите и власта наместо фокусирана реформа се полнењата на институциите со неквалификуван кадар (и одбивањето да се празни е полнење!) – работниците фаќаат џаде.
И ете сме, се враќаме кај докторите и сестрите, кај здравствените работници од почетокот на текстот и кај нивните центри за можности сместени по хотели наместо по модерни македонски болници. Нив, овие „можности“ од хотел директно ќе ги однесат и распределат низ разни, германски, нужни, а во случајов, и за нив и за Македонија, само помали зла. Оти нашето нужно, а најголемо зло лежи во нешто друго – во фактот што по докторите и по сестрите, нам веќе одамна ни се тргнати и пациентите.
Автор: Катарина Синадиновска
Извор: Капитал
