МНР наместо МВР

//

Во пресрет на отварањето на културниот клуб во Охрид, и пред се во пресрет на најавените протести против истиот, единствен официјален орган кој се огласува е Министерството за надворешни работи. И нема ништо спорно во апелот и потсетувањето на принципот на правото на слободно изразување; туку индикативна е самата институција која се обраќа. Имено, зошто МНР воопшто би се обратила на домашната јавност и на своите граѓани? Зарем не треба по повод најавените протести, внатре во државата, да се обрати МВР? Каква врска има воопшто МНР со одржување на редот и овозможување на непречено собирање и здружување?

Дали во оваа (не)свесна реакција, се огледува нашата вистинска позиција vis a vis се што може да влезе во дефиницијата “Бугари, Бугарија и бугарско”? Или едноставно кажано, зошто Македонците не веруваат или не сакаат да веруваат дека во Македонија има луѓе кои се чувствуваат и декларираат како Бугари, кои се истовремно и македонски државјани?

Целиот јавен дискурс, деновиве, оди и ќе оди, на линија на завземање одбрамбен став: “тие провоцираат, ние се браниме”. Позиционирани сме повторно во улогата на жртва, каде спремно го оправдуваме секое потенцијално проблематично и насилно поведение. Така беше со клубот во Битола, така беше со вербалното насилство на фудбалскиот натпревар, така се најавува дека ќе биде и во Охрид. Но, кои се “тие” во приказнава? Токму тука е проблемот на нашиот однос кон “бугарското” кај нас.

Секоја постапка се третира како свесна провокација, па во заедничката одбрана од “фашизмот на Ванчо Михајлов тогаш и на Царот Борис Трети сега” сите застануваат и ги легитимираат протестите организирани од декларирани “антифашисти”, кои патем речено отворено го поддржуваат фашизмот на новото време. Да не беше комично, ќе беше трагично, како што впрочем и е. Трагично е нашето флагрантно непознавање на историјата, трагични се нашите предрасуди и фобии, трагичен е нашиот однос на отворена нетрпеливост, а најтрагично за нас самите е нашата потреба нашите заблуди и отсуство на самокритичност, да ги маскираме уште еднаш во улогата на жртва. Со резерва дека ова сепак не сме ние, туку она што некој сака ние да бидеме.

Тука, доаѓаме до вториот битен сегмент во реакцијата на МНР, покрај нивната ненадлежност во целата ситуација, а тоа е нивната вистинска адреса до која се обраќаат. И тука немаат многу промашено. Имено, тие, иако формално апелираат до македонските граѓани, тие всушност се обраќаат на Бугарија и ЕУ, како своевидно оправдание дека формално реагирале на говорот на омраза и потенцијалното насилство. Но, тука всушност е нашиот суштински и темелен проблем.
А, тоа е појавноста, односно “глумењето дека нешто се прави” применливо и присутно многу пати и во многу различни ситуации, во однос на исполнување на клучните реформи и обврски на државата, внатре кон своите граѓани, и надвор кон меѓународната заедница. Зошто ни е побитно како тоа изгледа, од вистинско соочување и решавање на проблемот? Дали е во прашање страв или став, ист како и на оние кои брутално го изразуваат?

Само три месеци после отпочнувањето на преговорите со ЕУ, партиските, медиумските, “интелектуалните” и “аналитички” структури, се вратија на состојбата од пред отпочнувањето на преговорите. Откога не успеаа да го спречат почетокот на преговорите и почетокот на скринингот, сега се во нова “офанзива”, да ги развлечат, разводнат и да ги компромитираат. И наместо интензивно да се дискутира за скринингот и што тој ќе “извади на површина” како некој да сака, токму тоа да го врати “под тепихот”. Ако на почетокот се зборуваше за уставните измени, веднаш и сега, наеднаш суптилно се поместуваат кон максималниот рок од една до две години; рака под рака со очигледно посакуваниот референдум од повеќе од две експонирани страни.

Како одлична прилика “да се трошиме”, а и уште малку да скандализираме, ако може. Ова е дел од истата приказна. Од антибугарство, до антиалбанство. Се’ по потреба. “Фашизмот” е само маска, флоскула, нешто далечно во историјата, замка во која се лови критиката. Затоа што она што е блиско, сега во реално време, во пракса, а не во книги, односно војната во Украина, некако односот е различен. Или мислиме дека фашизмот е етикета, која по наша потреба и желба може да ја “залепиме” на било кого, во отворено шовинистичко и примитивно поведение, а притоа вистинскиот и брутален фашизам кој се јавува кај исто така некогашните антифашисти, да го релативизираме и оправдаме?

Токму затоа, грешката никогаш не е случајна, иако не значи дека не е добронамерна. МНР наместо МВР, говори многу за спремноста на државата да се соочи со вистинските проблеми. Тогаш, кога ќе се ослободи од партократијата и сите други “кланови” на кои толку многу им недостасува статус кво ситуацијата, што се задоволуваат и со некој ден, месец или година плус. А, промена на уставот ќе има. Подобро порано, отколку подоцна. Што добивме со секогаш “подоцна решавање на проблемите”? Решавање на проблемите, секако. И тоа е неминовноста, која следи, со сето изгубено и “купено” време. А, време се’ помалку. За да се купи.

Facebook статус на Никица Корубин





Претходна статија

Македонската спирала на цинизмот

Следна статија

(Видео) „Татари и фашисти“ скандираат протестантите пред бугарскиот клуб во Охрид

Најново од Ваш став

Денот на булките

Facebook статус на Никица Корубин Деновиве во Велика Британија се сеќаваат на жртвите од Првата светска