Н. СТОИЈЛКОВИЌ: АКО КНИГАТА Е ПРИВЛЕЧНА ЗА ЧИТАТЕЛОТ, ВАЖИ НАРОДНАТА: „ДОБРИОТ ГЛАС НАДАЛЕКУ СЕ СЛУША“
Наде Стојилковиќ е авторка на романот „Ќерката на дрвосечачот“ што стана една од најпродаваните книги од македонски автори во Македонија. Вториот роман на Наде Стојилковиќ со наслов „Тајната на Алексови“ исто така доживеа голем успех, поради што Наде е препознавана како една од најчитаните македонски автори од страна на читателската публика.
Во интервју за „Мој збор“, открива како епидемијата влијае врз нејзиниот творечки потенцијал и какви промени предизвикала во нејзиниот начин на живот, како го разбира процесот на создавање на едно литературно дело, своите искуства во поглед на објавувањето и пласирањето на едно дело пред публика, но и открива дали постои рецепт да се напише книга која е „бестселер“.
„Ќерката на дрвосечачот“ беше една од најпродаваните книги од македонски автори минатата година
- Книгата „Ќерката на дрвосечачот“ беше една од најпродаваните книги од македонски автор изминатата година. Фактот дека книгата е „бестселер“ за 2019 година е показател за вашата успешност како автор. Дали очекувањата за таков успех на книгата е примарен при нејзино пишување, или сепак е во прашање некоја „инхерентна потреба“ на авторот да се изрази без да размислува за пласманот на книгата по нејзиното издавање?
-На ова прашање одговарав во неколку наврати и секогаш го кажувам истото – јас не сум типичен автор кој може да зборува воопшто за издавањето на книгата, а најмалку за тоа колку и каква ќе биде нејзината продажба. Ова го кажувам затоа што кога започнав да ја пишувам, јас воопшто не размислував за тоа како и што ќе биде со неа.
Тоа беше една приказна која сакав да ја ставам на хартија и јас бев окупирана само со тоа, затоа и секој збор е напишан со душа, без размислување дека еден ден ќе се издаде како книга, а најмалку пак помислував дека ќе стане бестселер.
Но, откако го завршив ракописот, сега ми се чини дека тоа веројатно е некоја нормална фаза, почнав да размислувам да го издадам во книга и истовремено почнав да барам издавач. Значи, за мене јас слободно можам да кажам дека пишувањето беше таа „инхеретна потреба“ да се изразам, да создадам нешто, а не размислување за успех на тоа што го напишав, кој патем морам да кажам дека и мене лично ме изненади.
- Важи општоприфатено мислење дека македонските автори не се фаворизирани од страна на македонската публика и дека читателската публика во Македонија почесто избира да чита книги од светски признаени мислители и добитници на „Нобелова“, „Пулицерова“ или „Гонкурова“ награда отколку македонски автори со домашни признанија. Какво е вашето искуство по тоа прашање и дали сте задоволна од начинот на кој вас како автор ве препознава и доживува публиката?
-Тоа е точно и сè уште постојат луѓе кои едноставно ноншалантно велат: „Ах, домашен автор, јас тоа не читам…“ Но мојот впечаток е дека работите барем во последните две години се менуваат позитивно во тој правец, секако во корист на македонските автори.
Искрено, јас тоа можеби и прва го почувствував со „Ќерката на дрвосечачот“, која се печатеше и продаваше со вртоглава брзина. Четири изданија се продадени за осум месеци, а во продажба е веќе и петтото. Истото се случи и со втората книга „Тајната на Алексови“, чие прво двојно издание беше распродадено за неполни три недели и веднаш беше отпечатено второ двојно издание.
Ретко кој автор кај нас може да каже дека продал книги во бројки со четири цифри, најчесто се издаваат и продаваат од 300 до 500 примероци, евентуално има второ издание и тука завршува приказната. Продажба на тиражи од 2.000, 3.000 примероци е мислена именка. А мене токму тоа ми се случи, а за среќа можам да кажам дека книгите и понатаму се многу барани одлично се продаваат.
Кај мене секојдневно доаѓаат и десетици пораки од читатели, морам да нагласам повеќето читателки, иако има и многу рецензии и мислења и од машка читателска публика, кои посебно ми се драги, затоа што книгата е драма – жанр што почесто го чита женската читателска публика. Верувајте дека тие се воодушевени од фактот дека книга од македонски автор толку им се допаднала. Едицијата на издавачката куќа „Сакам книги“ под која излегоа моите две книги е наречена СВЕТСКИ, А НАШИ, а луѓето токму така и ги нарекуваат – „светски, а наши“. Јас како автор на книгата, пак, бев изненадена колку убаво луѓето ја прифатија приказната. Сето тоа бараше и средби и близина со читателите.
(Целото интервју на Магдалена Стојмановиќ со писателката Наде Стојилковиќ прочитајте го во Moj збор)

